Amazon ќе им одзволи на вработените да работат од дома до 2 јануари и со тоа е-трговецот им се приклучи на најголемите технолошки компании како Google и Salesforce кои веќе најавија слични работни политики до крајот на годината.
Иако, технички канцелариите на компанијата се отворени во сите земји кои го дозволуваат тоа, вработените кои сакаат да се вратат на работа во канцеларија мора тоа да го средат со своите менаџери и да се согласат постојано да им се мери температурата при влегување на работа и да ги почитуваат правилата за физичко дистанцлрање.
Оваа политика се однесува само на канцелариските работници, а не на вработените во магацините, кои работат цело време откако почна пандемијата и бараа од компанијата да преземе повеќе мерки за да ги заштити од корона вирусот. Од Amazon изјавија дека на вработените во магацините им мерат тмепература, им обезбедуваат маски, средства за дезинфекција на рацете, пораздалечени смени и преземаат други мерки за чистење во центрите за товарење.
„Продолжуваме да ставаме приоритет на здравјето на вработените и да ги следиме насоките на локалната влада. Вработените кои се на позиција која ефективно може да се работи од дома може да останат дома до јануари“ изјави портпарол на Amazon.
Многу големи компании како Google, Salesforce и Mastercard им дозволија на вработените да работат од дома до крајот на годината, додека Facebook, Twitter, Shopify и Upwork ќе им дозволат на вработените трајно да работат од дома по завршувањето на пандемијата. Извршниот директор на Amazon, Џеф Безос, стана уште побогат откако пандемијата се појави во САД во март, главно поради покачувањето на цените на акциите и поголемата побарувачка за онлајн нарачки.
(Forbes)
(фото: Flickr)