Oвaa среда беше лансирана Challenger – македонска мобилна апликација која ги наградува корисниците кои пешачат, трачаат и планинарат и истата има за цел да ја подигне свеста за аерозагадувањето како и да учествува во намалување на истото. Со Challenger, секој поминат зелен километар носи поени, кои потоа може да се заменат за попусти во локални бизниси. Исто така, со исполнување на зададени предизвици се добиваат и директни награди. Колку повеќе километри, толку повеќе Challenger поени кои носат попусти и награди.
“Идеата е да се натпреваруваме, меѓусебно да се мотивираме и да ги намалуваме CO2 емисиите во воздухот, а најважно е дека при овој процес создаваме нови локални супер еко херои. Challenger им помага на луѓето преку визуализација на намалени CO2 eмисии, да согледаат како секоја мала активност го подобрува општеството. Со оваа апликација создаваме група на луѓе и бизниси кои меѓусебно се поддржуваат, инспирираат и натпреваруваат со цел да станат општествено одговорни”, изјавуваат од тимот.
Оваа апликација која е креирана од млади луѓе, во пресрет на зимата, ќе помогне секој нејзин корисник да се придружи на борбата за почист воздух. Наскоро, на оваа апликација ќе се наградуваат и километрите поминати на велосипед. Мобилната апликација е бесплатна и достапна за сите корисници на Android и iOS.
Време е да ја вклучиме човечката моќ (Human Power ON) и да делуваме на климатските промени, па денес е одличен ден да почнете да ја користите Challenger и да освојувате награди и попусти.