„Визер“ дополнително ќе ги намали своите услуги во Скопје и привремено ќе укине седум линии, објави специјализираниот портал ЕксЈуавиејшн.
Авиокомпанијата објави дека до крајот на март 2021 нема да има летови до Барселона, Бремен, Хановер, Ларнака, Сандефјорд (Норвешка) и до два аеродрома во Шведска, Скавста во близина на Стокхолм и Вешо, а претходно беше укината и линијата до Салцбург.
Без овие линиии „Визер“ преку зимата ќе продолжи да одржува авионски линии од Скопје до 23 европски дестинации, но и тоа може да биде подложно на промени. Дел од овие линии во моментов се привремено суспендирани и нема да продолжат до стартот на зимската сезона 2020/21 кон крајот на октомври.
Скопје е најголемата и најпрометна база на „Визер“ во поранешна Југославија и минатата година 60 отсто од сите патнички летови од главниот град на Македонија отпаѓаа на унгарската нискобуџетна компанија.