Во организација на Здружението „Вина од Македонија“, денес по втор пат се одбележува Светскиот ден на Вранецот, во соработка со производителите на оваа сорта од Македонија и од регионот, но и голем број соработници и дистрибутери од светот. Преку организација на онлајн настан, со учесници на македонската и регионалната индустрија за вино и интернационални експерти за вино од Велика Британија, Германија, Холандија, Словенија и Македонија, овој настан има за цел да ги поддржи напорите на локалните винарници во производството и промоцијата на вината од сортата Вранец, како и да придонесе за зголемување на препознатливоста на оваа сорта на меѓународно ниво.
„Вранецот претставува наша компаративна предност и сорта врз чија основа треба да ја базираме промоцијата на нашата земја и целиот балкански регион. Затоа, активностите за популаризација на вранецот и неговото поврзување со Македонија и Балканот се од огромно значење. Драго ми е што ваквиот потенцијал го препознаа винарниците и домашните институции и заеднички ќе можеме да постигнеме многу повеќе“, изјави г. Светозар Јаневски, претседател на Здружението „Вина од Македонија“.
„Препознатливоста на Вранецот се поврзува и со препознавање на подрачјата на кои се произведува, а со тоа се придонесува за зајакнување на туристичките понуди и развој на руралните подрачја, како и целосна претпознатливост на нашата земја. Како идна земја членка на Европската Унија желба ни е со одржување на Светскиот ден на Вранецот да пратиме порака дека сме посебно горди на производителите на винско грозје и на производителите на вино, бидејки сме сигурни дека ќе се препознае добриот квалитет на македонското вино Вранец“ – изјави Арјанит Хоџа, Министер за змејоделство, шумарство и водостопанство.
Швајцарската амбасада, преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, втора година по ред ја поддржува иницијативата за одбележување на Светскиот ден на Вранецот. Во оваа пригода, Сибил Зутер, амбасадорка на Швајцарија, истакна: „Со градење на репутацијата на брендот Вранец отвораме можност за извоз и на другите македонски сорти вино и зголемен извоз на македонско флаширано вино како производ со висок квалитет. А, виното во комбинација со традиционалната храна придонесува и за подобар имиџ на земјата како туристичка дестинација. Швајцарија продолжува да работи со приватниот сектор, институциите и останатите локални партнери за ги поддржи македонските агробизниси да воведат нови технологии и практики, да имаат подобар пристап до странски купувачи и подобрен пласман на меѓународните пазари.“
На Светскиот ден на Вранецот се промовираше и информативната брошура за македонската винска индустрија која е наменета за промоција на земјата на интернационалните пазари. Оваа брошура која преставува голем чекор напред во поглед на вистинско преставување на една винска земја на странските пазари е изработена со поддршка на Министерството за економија.
„Здружението `Вина од Македонија`, е пример за успешен кластер, кој ја поттикнува соработката на фирмите – производители на вино, активно работејќи на нивната конкурентна понуда, препознатливост, промоција и зголемување на извозот. Министерството за економија преку КИП Програмата за 2019 година има доделено финансиска поддршка на активности на кластерот `Вина од Македонија` за изработка на промотивни материјали за македонската винска индустрија.“ – потенцираше Крешник Бектeши, Министер за економија.
Добрата регионална и меѓународна промоција е предуслов за влез на нови пазари, освојување нови клиенти и потрошувачи и зголемен извоз. Светскиот ден на Вранецот прераснува во веќе препознатлив настан и ќе помогне оваа сорта да се позиционира на исто ниво со најдобрите интернационални вински сорти. По минатогодишниот настан, извозот на вината Вранец во шише бележи раст од 7% и покрај тоа што станува збор за година полна со предизвици за угостителскиот сектор.
Вранецот е сорта која во нашата земја е засадена на близу 11.000 хектари, со што Македонија е најголем производител на вино од оваа сорта.