Измените и дополнувањата на Законот за заштита од заразни болести предвидуваат носење на лична заштита на лицето, односно, респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично, при излегување надвор од домот. Односно, при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени установи и слично).
Оваа мерка пак, нема да важи при спортување на отворен простор или на затворено со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично), при возење во приватно патничко моторно возило ако возачот е сам или со лице/лица со кои што живее во заедница и при престојување во двор на семејна куќа сам или со лице/лица со кои што заедно живеат во заедница.
Меѓудругото, оваа мерка нема да важи ниту при седење во угостителски објект со почитување на специфичните протоколи за заштита, ако се користи друг тип на заштитна опрема специфична за определено работно место, ако лицето е помладо од 6 годишна возраст (дете) и ако лицето има специфична здравствена состојба, односно е лице со посебни потреби или е лице со пречки во развој поради што носењето на лична заштита на лицето би било проблематично или контраиндицирано.
За неносење маска на отворено е превидена парична казна од 20 евра.
Дополително, со измените се регулира и самоизолацијата, која што е задолжителна при тестирање за коронавирусот, односно, од закажување на тестот или самото тестирање до добивање на резултатот, а самоизолацијата продолжува доколку тестот е позитивен. За прекршителите на членот од законот кој ја регулира самоизолација предвидена е казна од 50 евра
Исто така, со измените е забрането групирање на јавен простор, односно, во паркови, јавни површини или било која површина на отворено, во одредени периоди од деноноќието и други мерки утврдени со закон. Тие што ќе се групираат на отворено, предвидено е да платат казна од 500 евра