Рекордните загуби на авиокомпаниите како последица на пандемијата на Ковид-19 ќе продолжат да растат и следната година, бидејќи очекуваните вакцинации ќе одземат време за да се оживее побарувачката за патувања, според податоците на најголемата трговска група во индустријата, цитирани од „Bloomberg“.
Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) проценува дека превозниците ќе изгубат вкупно 157 милијарди долари во 2020-та и 2021-ва година, што е скоро 60% повеќе од предвидувањата во јуни. Падот на приходите е пет пати поголем отколку за време на рецесијата во периодот 2008-2009 година.
Прогнозата доаѓа во време на надеж дека тестирањето на патниците, во комбинација со воведување вакцини за Ковид-19 во текот на следната година, ќе ги охрабри владите да ги ублажат ограничувањата за патување што ја погодија побарувачката.
Асоцијацијата не очекува индустријата да се врати во профит пред четвртиот квартал од 2021-ва година, иако новата прогноза е попозитивна од претходната пред да се постигне напредок во развојот на вакцините.
„Учебниците по историја ќе ја пријават 2020-та година како најлоша финансиска година во индустријата“, рече извршниот директор на „IATA“, Александар де Џунијак, додавајќи дека загубата што се очекува во 2021-ва година, иако е помала, ќе биде втора најлоша. Тој побара безбедно да се отворат границите сега, за луѓето повторно да можат да летаат.
„IATA“ предвидува дека превозниците ќе изгубат скоро 39 милијарди долари во 2021-ва година, што е двојно повеќе од предвидувањата во јуни.
Најголемата грижа на индустријата е ако остане без пари пред да се пуштат вакцините, бидејќи превозниците имаат доволно резерви за само 8,5 месеци, предупреди главниот економист на „IATA“, Брајан Пирс.
Затоа, може да се каже дека авиокомпаниите ќе претрпат сериозна штета без дополнителна владина поддршка. Досега државите обезбедија помош од 173 милијарди долари, проценува „IATA“. Авиокомпаниите се најранливи на пазарите во развој, каде што вакцините може да не бидат достапни до 2022-ра година.
Според здружението, на авиокомпаниите им требаат нови 80 милијарди долари помош за да преживеат.
Приходите во индустријата најверојатно ќе паднат за половина трилион долари во оваа година на 328 милијарди долари по пад од 61% на бројот на патници – нивоа последен пат видени пред 17 години, според трговската група. Приходите ќе се зголемат на 459 милијарди долари во 2021-ва година.
„Патничкиот сообраќај генерално веројатно нема да ги достигне нивоата пред пандемијата до 2024-та година“, рече Пирс.
(Denar.mk)
(фото: Pxhere)