Министерската за образование, Мила Царовска, го претстави новиот концепт за основно образование

- Advertisement -


Интегрираните предмети нема да бидат предавани само од еден професор, односно на тој час нема да влегуваат тројца наставници по историја, граѓанско образование и географија. Секој од професорите ќе треба да го предава својот дел, односно секој ја предава лекцијата што припаѓа на неговата дисциплина, меѓутоа ќе треба да се договораат меѓусебно како тематски да предаваат одредена тема, со цел таа да биде поврзана. Ова е дел од објаснувањето на министерката за образование и наука Мила Царовска за новиот концепт за основно образование кој ќе вклучува интегрирани предмети, а ќе почне да се применува од следната учебна година 2021/2020.

„Како во природните, така и во општествените предмети подеднакво, сите три модули од предметите остануваат поеднакво застапени во наставната програма, а тоа значи дека ученици треба да се стекнат со базични знаења и по историја и граѓанско општество и географија“, рече Царовска на денешниот брифинг со новинарите додавајќи дека овие предмети имаат теми што ги поврзуваат, како на пример, развивање на култури и прифаќање на мултикултурноста.

- Advertisement -

„Нема да влегуваат сите одеднаш на час. Секој професор ќе си го предава својот дел. Тематски во исто време се учи една целина, за учениците да го разберат контекстот и полесно да запамтат“, вели Царовска.

Како што посочи таа, цел е во период од пет години целосно да се воведат новите наставни програми коишто треба да се изработат сукцесивно година по година, што би значаело дека прво и шесто одделение добиваат нова концепција со нови наставни програми која ќе треба да се изработи за идната година.

- Advertisement -

„Секоја година се дополнува наставната програма со второ, трето, четврто, петто итн. и тоа укажува дека тоа за тој временски период во рок од 5 години ќе имаме целосно трансформиран образовен систем. Целосна трансформација одеднаш би била несериозна, а и невозможно е да се постигне во сите одделение да добиеме нова концепција“, рече министерката.

Таа додаде дека нови наставни програми значат и нови наставни материјали, чие донесување ќе зависи од динамиката на дебатата. Материјалите за учениците над трето одделение ќе бидат достапни и електронски и печатено, додека пак за оние ученици од прво до трето одделение ќе бидат во форма на нови наставни материјали, но фокусот нема да биде наставникот и учениците да се врзуваат исклучиво само за едно средство. Па така, наставниците ќе може да користат свои платформи, да креираат свои наставни материјали, сè со цел да го задржат вниманието на ученикот.

- Advertisement -

Во врска со новите наставни материјали, Царовска истакна дека на нив ќе работат академски професори, педагози, наставници што ги предаваат самите предмети и тие ќе одлучуваат кои содржини ќе бидат во споените предмети, бидејќи како што нагласи министерската, самиот Закон не дозволува да се учи по нова програма со стари материјали. Новите наставни материјали ќе чинат многу помалку затоа што ќе се плаќаат само авторите, а умножувањето ќе биде направено од страна на системот, односно од страна на училиштата бидејќи нема да се бараат компаниии за публикација, освен во случајот за наставните материјали кои ќе бидат од прво до трето одделение.

Покрај задолжителните предмети, учениците во текот на годината ќе мора да изберат и два изборни. Тие ќе одлучуваат помеѓу други јазици (втор странски јазик или албански јазик) и слободни изборни предмети (за проширување и продлабочување на задолжителните предмети: математичко-логично резонирање, програмирање, цртање/сликање, сексуално образование; за поддршка на личниот и социјалниот развој: образование за животни вештини, мултикултурни работилници, од спортско рекреативен карактер: фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, пинг-понг, планинарење, јога пилатес, велосипедизам, за поддршка на други интереси: танцување, драма, фотографија, готвење, градинарство, моделарство)

Инаку како што посочи професорката Виолета Петровска Бешка, учениците од прво до петто одделение задолжително ќе треба да присуствуваат во училиште 5 часа, од кои 3 до 3 и пол во настава. Додека пак оние од шесто до деветто одделение ќе треба да останат 6 часа во училиште, од кои 4 до 4 и пол во настава.

(Meta.mk)

(фото: Wikimedia)

Сподели!
- Advertisement -