Десеттото јубилејно издание на BIWC – Балкански интернационален вински натпревар ќе се одржи помеѓу 2-ри и 4-ти јуни годинава во Скопјe, а Балканскиот фестивал на виното ќе се одржи во Софија помеѓу 17-ти и 19-ти јуни 2021 година. Балканскиот меѓународен натпревар 2021 во Скопје ќе се одржи во организација на Здружението Вина на Македонија со поддршка од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и на МАСОМ (Македонската Асоцијација на Сомелиери), како и со медиумско партнерство од страна на повеќе регионални и интернационални медиуми.
По огромниот успех на минатогодишното издание во Белград, Србија, BIWC ќе продолжи со ротација на земјите домаќини. Натпреварот има за цел подобра интеграција на винарските визби од сите балкански земји и нивна зголемена изложеност во регионот и Европа. Најдоброто вино на Балканот ќе биде избрано од престижното жири кое ќе дојде во нашата држава и оваа година ќе вклучува најмалку четворица носители на титулата Master of Wine.
“Со скоро 1,8 милиони тони вино годишно, Балканот е на 5-то место во светот, веднаш зад најголемите земји производители на вино – Италија, Франција, Шпанија и САД. Балкански интернационален вински натпревар е настан што ја обединува регионалната и светската елита на вино за да ги откријат богатството и разновидноста на балканските вина. Голема чест и задоволство ни преставува што оваа година, кога се слави и јубилејното 10-то издание на натпреварот, ние како земја ќе бидеме домаќини. Ова преставува големо признание за македонската винска индустрија и еден од позитивните начини да ја презентираме нашата винска земја во најдобро светло – изјави Елена Младеновскa Јеленковиќ, Извршен Директор на Здружението Вина од Македонија.
Во 2021 година, BIWC ќе организира и други помали настани со цел да ги промовира балканските вина во регионот на Балканот и во Европа.
„Верувам дека енергијата и инспирацијата што ги вложуваме во организацијата на Балканскиот интернационален вински натпревар ќе ни овозможат да направиме уште еден голем натпревар во Скопје. Кризата од минатата година беше неочекувана и ѝ предизвика голема штета на винската индустрија. Но, производителите на вино се луѓе кои работат со страст, амбиција и инспирација. Верувам дека настаните, како што се овој натпревар и фестивалот на виното на Балканот, обезбедуваат платформа што винарските визби можат да ја искористат за справување со кризата! “, изјави Галина Нифороу, управен директор на BIWC.
Главната мисија на BIWCF е промовирање на балканските вина и винската култура во балканскиот регион и низ целиот свет. Претседател и жири на натпреварот традиционално е Константинос Лазаракис, Master of Wine, првиот носител на титулата Master of Wine на Балканот.
„Балканското вино е симбол на квалитет и автентичност што потрошувачите ја ценат. 10-тото јубилејно издание на BIWC ќе им помогне не само на љубителите на вино, туку и на претставниците од HoReCa секторот да запознаат повеќе регионални вина и производители “, ветува Лазаракис.
После натпреварот, ќе биде организирана изложба со сите примероци на 4 јуни на местото на одржување на BIWC во Скопје, на која ќе бидат поканети деловни претставници, сомелиери, дистрибутери и љубители на вино. Предвидена е богата програма на мастер-класови и семинари за сите вински професионалци и љубители на вино од Македонија и за гостите од странство.
Минатата година наградата „Најдобро вино на Балканот“ ѝ беше доделена на српската винарница Александровиќ за виното Trijumf Sauvignon Blanc 2019, а македонските винарници, покрај бројните златни, сребрени и бронзени медали се закитија и со следниве трофеи: Трофеј за најдобро црвено вино од локални балкански сорти беше ѝ доделен на Винарска визба Тиквеш за виното Barovo Red 2017 и Трофеј за најдобро вино од Македонија беше доделен на Винарница Камник за виното Terroir Grand Reserve 2015.