Истражување објавено во британскиот весник British Journal of Ophthalmology откри дека изложеноста на загаден воздух го зголемува ризикот од слепило кај постарите луѓе.
Истражувањето открило дека малото покачување на загадувањето придонесува за мускулно дегенерирање поврзано со староста (age-related muscular degeneration – AMD), состојба која предизвикува неизлечиво слепило. Студијата била спроведена во Обединетото Кралство, а биле користени податоци од над 115.000 учесници.
Резултатите покажале дека малите честички на загадувањето го зголемуваат ризикот од појава на AMD за 8%, додека промените кај поголемите честички на загадувањето го зголемуваат ризикот за 12%.
„Има голем проток на крв до ретината и мислиме дека тоа е последица на фактот дека загадувачите полесно навлегуваат во очите отколку во други делови од телото. Пропорционално загадувањето на воздухот ќе станува поголем ризик фактор додека другите фактори ги ставаме под контрола“ вели Пол Фостер, професор на Универзитетскиот колеџ Лондон и истражувач во студијата.
Денес AMD е водечка причина за појава на неизлечиво слепило во развиените земји. Болеста главно ги погодува луѓето постари од 50 години, но може да се појави и кај помлади луѓе. Над 200 милиони луѓе во светот имаат дијагностициран AMD. Во Обединетото Кралство околу 5% од луѓето над 65 години имаат AMD.
Иако загадувањето на воздухот не е еден од најголемите ризик фактори за оваа состојба, влошувањето на квалитетот на воздухот во иднина може да ги влоши работите. Моментално најголемите ризик фактори за појава на болеста се лошото физичко здравје, особено пушењето.
(Inhabitat)
(фото: Wikimedia)