Дали ангажирањето поранешни функционери може да го направи бизнисот успешен и дали притоа се крши законот?

- Advertisement -

Анализа на Асоцијацијата Зенит, финансирана од Европската Унија преку проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата – коалиција за нулта толеранција“ покажа дека ангажирањето поранешни функционери може да помогне бизнисот да стане „поуспешен“.  Околу 17% од анкетираните деловни субјекти кои ангажирале поранешни функционери оцениле дека не би биле толку успешни без нивната помош, а дополнителни 22% оцениле дека успешноста и без овие лица би им била иста, но за тоа би требало да потрошат повеќе време и енергија. Притоа, меѓу 22 и 26 проценти од испитаниците кај компаниите кои имале ангажирано поранешен функционер се изјасниле дека овие лица имаат придонес во компанијата при толкување на прописите, давање совети за соработка со институции и други организации, контактирање други организации, обезбедување пристап до лицата до кои е потребно да се има пристап, како и советување како да се премостат некои прописи.

Одговарајќи на прашање дали сметаат дека нивните конкуренти користат помош од поранешни функционери во бизнисот, потврдно се изјасниле речиси една четвртина од испитаниците. Во однос на видот напомош што таквото лице го дава на конкурентите, 8% сметаат дека тоа лице му помага на претпријатието за добивање на тендери, 6% дека им ги отвора вратите каде што имаат потреба, 4% сметаат дека остварува контакти со други организации, им дава совети за соработка со институции и им помага при толкување на прописите. 2% од испитаниците сметаат дека тоа лице им помага да избегнат контроли/надзори од државните органи и им кажува како да премостат некои прописи. Речиси половина од испитаниците сметаат дека ваков тип на соработка на компаниите со поранешни функционери многу или делумно влијае на конкуренцијата на пазарот.

- Advertisement -

Неодамнешна анализа на Универзитетот од Копенхаген на ефектите врз компаниите кои ангажирале поранешни функционери на Европската комисија укажуваат на тоа дека овие лице помогнале да се зголемат за 10% бројот на лобирачки состаноци што ги одржале овие ентитети со Европската комисија. Компаниите кои ангажирале поранешни функционери бележат и пораст на бројот и вредноста на склучените договори за јавни набавки со Европската комисија. Сепак и двата позитивни ефекти врз компаниите што ангажирале поранешни функционери  се јавуваат само во првата година кога некој е ангажиран. Причината за ова може да биде резултат на тоа што поранешните функционери по истекот на една година наоѓаат нов ангажман, или пак се влошила нивната мрежа на влијание во Комисијата.

Организациите кои ангажирале поранешни комесари на Европската комисија, на кои им е забрането да преземаат активности за лобирање во текот на првите 18 месеци од нивното ново вработување, оствариле зголемен пристап до институциите на Унијата само по истекот на овој период. Спротивно на тоа, кај организациите кои ангажирале поранешни пратеници во Европскиот парламент и постојани претставници на земјите-членки за кои не постои вакво временско ограничување, ефектите од ангажирањето на овие поранешни функционери се забележуваат веднаш. Оттука, заклучокот е дека функционира регулативата за спречување на судир на интереси при економски активности на поранешни службени лица во Европската комисија. Тоа не ги спречува лобистите да имаат корист од вработувањето или ангажирањето на поранешните комесари и службеници на Комисијата. Сепак, придобивките се јавуваат подоцна и се генерално многу помали од моменталните ефекти што ги доживува организацијата која ангажира поранешни пратеници во Европскиот парламент.

- Advertisement -

Иако стекнувањето ваква корист е забранета со македонското законодавство, надлежните институции не спроведуваат редовни активности за примена на овие законски одредби. Годишните извештаи на Државната комисија за спречување на корупцијата не наведуваат дека комисијата добила известување за вработување во приватниот сектор на поранешни службени лица од јавниот сектор, што укажува на  тешкотии во примената на Законот за спречување корупција и судир на интереси кој пропишува ваква забрана во период од три години по промената на вработувањето. Дополнително, не постои систем за редовно следење на забраната од истиот закон за стекнување акции односно удели на службено лице во правно лице над кое вршел надзор, или со кое имало воспоставено каков било договорен однос при вршењето на јавните овластувања или должности, како и на забраната за застапување на правни субјекти ако службеното лице било претходно вклучено во одлучување по предмет поврзан со тие субјекти.

Според анализата на Асоцијацијата Зенит за да се намалат ризиците од ваков тип на судир на интереси потребно е да се зајакнат човечките и информатичките капацитети на ДКСК, како и да се обезбеди нејзин непречен пристап до базите на податоци на други јавни институции  за да може да го следи почитувањето на забраната за вработување, застапување и стекнување акции и удели за поранешни службени лица. Неопходно е да се развие и регистар на службени лица кои вршат надзор, регулирање или на друг начин влијаат на економските интереси на субјекти од приватниот сектор поделен по одредени стопански гранки. Тоа ќе овозможи и автоматско споредување дали тие лица се јавуваат меѓу нововработените лица од евиденцијата на Агенцијата за вработување, се стекнуваат со акции евидентирани во Централниот депозитар на хартии од вредност, или пак се стекнуваат со сопственички удели евидентирани во Централниот регистар. Согласно искуствата на дел од земјите-членки на Европската унија, потребно е и да се дополни Законот за спречување корупција и судир на интереси со забрана за хонорарно ангажирање на поранешни службени лица од страна на субјекти кои имале економски интерес од одлуките или активностите на органот.

- Advertisement -

Oвој текст е став на Асоцијацијата Зенит и содржината на текстот е одговорност на авторот и не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Сподели!
- Advertisement -