Директорот на фaрмацевтската компанија Pfizer, Алберт Бурла, е уверен дека светот нема толку лесно да се ослободи од корона вирусот, туку тој ќе остане присутен и во иднина. Она на што треба да внимаваме се новите варијанти на вирусот, кои постојано ќе се појавуваат.
Тој вели дека не треба да се плашиме, туку да бидеме подготвени. „Затоа моментално се фокусираме на создавање добра мрежа на надзор за секој пат кога ќе се појави нова варијанта, да бидеме во можност да тестираме, барем во лабораторија, дали вакцината е ефикасна или не“, истакна Бурла во разговор за Bloomberg.
Тој додаде и дека дискутирале за тоа што може да се направи ако се појави варијанта за која вакцината нема да биде ефикасна и дошле до заклучок дека мора да развијат процес кој ќе овозможи брзо создавање ефикасни вакцини. токму тој процес моментално го имплементираат во своите истражувачки оддели и фабрики.
„Изгледа дека имаме алатки со кои би можеле да го претвориме КОВИД-19 во еден вид на грип. Тоа значи дека оваа болест не би требало да ги стопира нашите животи и економијата. Само мора добро да ги следиме новите варијанти и да бидеме упорни со вакцинирањето на луѓето“, истакна Бурла и додаде дека исклучително е битно да се прими втората доза навреме затоа што ако се прескокне или се добие предоцна, тие не можат да гарантираат дека ќе биде ефикасна.
Тој откри и дека работат на нов облик на вакцината кој ќе биде полесно да се складира затоа што би се траспортирал како прав. имено, моментално вакцината на Pfizer мора да се чува на -70 степени Целзиусови и после одмрзнувањето мора да се употреби во релативно краток рок. Верзијата во прав би можела да поднесе и повисоки температури, па би била попогодна за инфраструктури каде што нема услови за ладење.
(Bloomberg)
(фото: Wikimedia)