Компанијата Нетам прави иновативен изолационен градежен материјал од отпаден текстил!

- Advertisement -

Компанијата „Нетам“, која повеќе од две децении е дел од текстилната индустрија во Република С. Македонија, направи уникатен спој на две индустрии кои што се во фокусот на платформата skills4future, текстилната и градежната. Нивната иновативна технологија го решава големиот проблем со отпадот што се создава во текстилната индустрија, кој изнесува минимум 15 отсто од бруто производството на текстил, преку создавање на нов продукт, применлив во градежната индустрија.

Извор – skills4future

Резултат на иновативниот технолошки процес на „Нетам“ е конфекционираниот текстилен материјал со одлични изолациони својства, заштитен со името „Изонет“. Плановите за промоција на иновацијата делумно ги попречи светската пандемија на Ковид 19, но компанијата планира пробив во земјава и на странските пазари. Предностите на „Изонет“ се и еколошки и економски, а градежната индустрија добива многу поевтин изолационен материјал со одлични својства.

- Advertisement -

Еколошки и економски предизвик

„Нетам“ е компанија која се занимава со производство и пласман на текстилни производи, неткаен текстил, постелнина, перници, јоргани и душеци и навлаки за душеци, со кои ги снабдува како домашниот пазар, така и европскиот пазар и е единствен производител на геотекстил на македонскиот пазар.

Идејата за реупотреба и искористување на текстилниот отпад потекнува од самиот производствен процес и обрската која ја има компанијата, правилно да го отстрани, како што пропишуваат законите, вели Сашо Ацески, директор на секторот за инвестиции и развој во „Нетам“.

- Advertisement -

Таа обврска создава трошоци, а големи се и еколошките предизвици бидејќи овој отпад врши хемиско загадување на околината, најчесто е неразградлив и e токсичен кога согорува. Да се намалат што повеќе овие последици бил мотивот за тимот на „Нетам“ да започне со истражувања, кои траеле две години, како од проблем да создаде бенефит, како еколошки, така и економски. Тука, посочува Ацески, почнува приказната на „Нетам“ и патот кој го измина компанијата до создавањето на свој иновативен производ, градежни материјали за топлотна изолација, направени од текстилен отпад.

Предизвикот да се собере, рециклира и преработи отпадниот материјал од текстилната индустрија во земјава во нови и корисни производи дал одличен резултат. Тоа се новите производи: изолациони панели, ролни, геотекстил и други изолациони материјали кои можат да се користат во градежната и во други индустрии.  За таа цел во „Нетам“ инвестирале во нова производна линија која е дело на развојниот тим на компанијата.

- Advertisement -

„За реализација на овој проект, „Нетам“оформи ново одделение за собирање, рециклирање и преработка на тексилниот отпад. Покрај внатрешните ресурси, ја користевме и експертизата на Градежниот факултет при УКИМ, соработувавме со стручниот кадар и лабораториите каде се испитуваа материјалите и каде што се сертифицирани неговите изолациони квалитети. Ангажиравме и експерти и консултанти за стручно реализирање на проектот, професори, инжинери и друг високо квалификуван кадар“, објаснува Ацески.

Иновација на методологија и технолошки процес

Компанијата, во соработка со лабораториите на Градежниот факултет и ПМФ –Институтот за хемија, започнaла истражување за поефикасен вид на рециклирање на текстилните отпадни материјали. Се работи за уникатен и иновативен модел, со оглед на тоа дека во земјава не постои линија за ваков вид постапка, а во околните земји технологијата е исто така во фаза на развој.  Од тие причини, во „Нетам“ се решиле за иновативен пристап, преку воведување нова методологија за рециклирање и преработка, што довела и до иновација и на технолошкиот процес и на производствена линија, димензионирана според количеството на текстилен отпад што се создава во земјава.

Капацитетот на линијата е околу 500 килограми на ден, а месечно, во сегашните услови на корона криза се обработуваат околу два тона.

Резултатот е „изонет“, како краен производ кој во градежната индустрија се користи како замена на традиционалните градежни изалоциони материјали.

Со иновирањето на нов процес на рециклирање на текстилниот отпад и со изградбата на технолошката линија, посочуваат од компанијата, на еколошки начин се решава едно од најгорливите аспекти во  производството на текстилната индустрија, отпадот.

„Отпадот што се собира од текстилните фабрики кои сакаат да го предадат за рециклирање се складира во ‘Нетам’ и се сепарира според техно- хемиските својства. Во моментов постојано соработуваме со три и повремено со триесетина компании. Потоа материјалот се обработува до структура – влакно кое со понатамошна термичко- хемиска обработка се преработува во ролна. Во оваа фаза и со достапната опрема може да се преработи само дел од текстилниот отпад чија хемиска структура одговара на процесот на производство, што во основа е секој текстилен отпад кој се базира на политеилен“, вели Ацески.

Во Македонија годишно се продуцира околу 16.599 тони текстилен отпад, од кој една третина е погоден за прерботка со иновативната технологија, или во просек околу 40 тони годишно. Засега, информираат од компанијата, кај нив не се акумулира друг текстилен отпад за да размислуваат и за негова обработка. Не ги земаат предвид ниту продуктите од конфекциската индустрија од причина што тоа е разнороден хемиски и механички материјал, а производителите немаат волја за негово сортирање.

Проблемот со сивата зона на текстилната индустрија, препродажбата на отпадот на дивите произведувачи на постелнина како полнеж и нелегалното депонирање во отпадите кои не се за тоа наменети, се друга тема, која и понатаму останува актуелна во напорите да се надмине проблемот со големите количини текстилен отпад“, посочува Ацески.

Инвестицијата во проектот чинеше 7,3 милиони денари, од кои Фондот за иновации и технолошки развој финансираше 70 % или 5,1 милиони, а „Нетам“ 30 % или 2,2 милиони денари. Најголемиот дел од средствата, околку 50 проценти, биле инвестирани во машина за конфекционирање на материјалот за чија набавка и инсталирање „Нетам“ дополнително инвестираше свои средства во транспортот, монтажата и др. Остатокот од средства се инвестирани во истражување на пазарот, лабораториски испитувања, патентирање на процесот, заштита на трговска марка и друго.

Сподели!
- Advertisement -