Средношколци од Прилеп победија на Junior Achievement со идеја за иновативно парче мебел

- Advertisement -

Решение што на потрошувачите им нуди практично и интересно парче мебел „MultiBox“, му донесе победа на средното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“ од Прилеп на натпреварот во претприемачки вештини организиран од Џуниор Ачивмент ж Македонија. Нивната бизнис идеја е коцка мебел која се трансформира во столче, масичка и фиока за складирање и нуди подобра функционалност и искористеност во просторот. Изработена од специјално обработена и моделирана отпадна пластика на корисникот му нуди практично решение за секој мал простор и може да се собира според потребите на потрошувачите. Димензиите овозможуваат и комбинирање на повеќе коцки.

Второнаградениот тим од гимназијата „Никола Карев“ од Скопје понуди повеќенаменски кујнски апарат (тостер, сечко и кафемат), додека третата награда ја доби тимот од гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“, кој понуди иновативно решение за трпезариска маса. Масата врши дополнителна функција по избор на потрошувачот – уметничко дело, слика, огледало, ѕвездено небо.

- Advertisement -

Ова се дел од идеите кои петчлената жири-комисија имаше можност да ги слушне минатата недела. На натпреварот кој се одржа од 3 до 15 март 2021 година, учествуваа 123 ученици од 16 тима од средни училишта од Битола, Велес, Виница, Гевгелија, Гостивар, Кочани, Охрид, Прилеп, Свети Николе, Скопје, Струмица и Штип, соопштија од ЏА.

Тие истакнуваат дека поттикнале вклученост и од бизнис заедницата, со што учениците имале можност да работат со 16 бизнис волонтери кои ги советуваа и помагаа до целта. Учениците имаа можност преку низа тимски активности, користејќи ги сите придобивки од технологијата, да ги покажат својата креативност, иновативност и знаење во областа на претприемништвото.

- Advertisement -

На свечената онлајн церемонија за доделување награди директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Коста Петров, издвои дека „минатата година над 500 средношколци и повеќе од 150 наставници беа вклучени во активностите на Џуниор Ачивмент Македонија. ФИТР континуирано го поддржува најголемиот средношколски натпревар за иновации, бидејќи инвестициите во младите таленти, се најголемото богатство и инвестиција во иднината на нашата држава.

Амбасадорката на САД во РСМ, Кејт Мари Брнз, како што стои во соопштението, истакнала дека „се особено горди на партнерството со Џуниор Ачивмент, организација која ги подготвува младите за работа во иднина, помагајќи ги да станат финансиски независни и храбри во развојот на претприемачки компетенции“.

- Advertisement -

-Нашата цел е да создадеме можности за младите да бидат ангажирани овде во својата земја. Сакаме да ве охрабриме да станете идни лидери. Ова е особено важно за младите да останат и да придонесат кон економскиот просперитет и демократското јакнење на земјата, изјавила Брнз.

Министерката за образование и наука Мила Царовска, пак, потенцирала дека организациите како ЏА се потребни затоа што развојот на претприемачките вештини кај младите луѓе ќе продолжи да биде и дел од приоритетите на образовните политики кои во моментов се креираат и ќе се имплементираат во наредниот период.

-Намерата е да создадеме што повеќе ученици кои покажуваат исклучително голем интерес кон претприемништвото, познавајќи ја моќта на претприемачките вештини за личен успех и просперитет понатаму во животот на секој млад човек, рече Царовска.

Како што појаснила извршната директорка на Џуниор Ачивмент Македонија, Љупка Панчевска, кампот на иновации кој се одвива шести пат по ред претставува место каде учениците можат да научат нови корисни вештини за презентирање и тимска работа како и да ги зајакнат своите компетенции и вештини за предизвиците на современиот пазар на труд.

Овој натпревар е дел од Проектот на УСАИД за Поддршка на претприемничко учење во Југоисточна Европа и Евроазија, имплементиран од Џуниор Ачивмент Македонија, кој им овозможува на младите да стекнат практично искуство за водење бизнис и развивање нови вештини како што се тимска работа, лидерство, презентирање, планирање и финансиско работење, потребни за успешно водење на економијата во земјата.

Сподели!
- Advertisement -