Филип Чижбановски: Бесплатна поддршка што повеќе фирми да ги продаваат своите производи и услуги онлајн

- Advertisement -

Македонските компании ќе имаат можност за добивање на неповратна финансиска помош за отворање на своја е-продавница со сопствено софтверско решение или како дел од постоечки локален онлајн пазар. 

Оваа активност е дел од иницијативата „Ecommerce4All” која се реализира од страна на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.

- Advertisement -

Деталите за Иновативност ги сподели Филип Чижбановски, в.д. претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

Разговараше: Верица Јорданова

- Advertisement -

Кажете ни детали за последната иницијатива на АЕТМ. Што конкретно значи давањето неповратна финансиска помош за отварање е-продавница?

Основна цел на јавниот повик е преку неповратна помош, да мотивираме колку што е можно повеќе компании да ги дигитализираат своите процеси, на еден од понудените начини, односно преку имплементација на сопствена е-продавница или со е-продавница како дел од локален онлајн пазар (marketplace).

- Advertisement -

Со овој повик, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија се вклучува во напорите за подигнување на свеста и зголемување на понудата за е-трговијата во нашата земја. Исто така, нашата цел е да мотивираме повеќе компании да дигитализираат дел од своите услуги и да отворат нов или дополнителен продажен канал – e-продавница, кој ќе им овозможи да ја зголемат својата продажба и дигитално присуство. Воедно, со оваа иницијатива сакаме и директно да придонесеме кон намалување на сивата економија.

Кои се компании може да се пријават? Има ли некои ограничувања?

Кога ги формиравме критериумите за аплицирање на јавниот повик, појдовна основа ни беше да дефинираме едноставни правила за пријавување на заинтересираните компании преку едноставен “paperless” процес кој воопшто нема да биде оптоварен со обезбедување на документација која не е неопходна за успешност на целиот процес.

Апликантите мора да исполнуваат одредени критериуми кои се неопходни за да се пријават на јавниот повик. Неопходно е да имаат регистрирано правен субјект, а доколку станува збор за идеја од физичко лице во тој случај да приложи доказ дека започнале процес за регистрација на правно лице или апликантот може да биде занаетчија кој е уредно регистриран во Занаетчиска комора на Македонија.

Вториот услов е компанијата да има вработено најмалку едно лице во моментот на аплицирање за неповратна финансиска помош како дел од јавниот повик.

Како што споменав и претходно, се обидовме колку што е можно повеќе да го поедноставиме процесот на аплицирање, но сепак да запазиме некои основни критериуми преку кои ќе се осигураме дека апликантот е сериозен во својата намера за основање на е-продавница и преку имплементирањето на онлајн продажба сака да предизвика раст на бизнисот.

Во што се состои помошта од Ваша страна?

Асоцијацијата за е-трговија во рамките на иницијатива „E-commerce for All”, поддржана од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем нуди можност за сите заинтересирани микро, мали и средни компании или пак старт-апи кои сакаат да отворат своја е-продавница и да работат во областа на е-трговијата да аплицираат за користење на финансиска и консултантска поддршка.

Притоа, вкупниот буџет наменет за поддршка на компаниите изнесува 40.000$  (2.240.000,00 денари) и истиот ќе биде распределен на 40 компании кои ќе поднесат апликации.

Зависно од потребите, апликантите можат да одберат една од понудени можности:

Опција 1: Доколку апликантот одлучи да отвори сопствена е-продавница, АЕТМ ќе му одобри користење на 500$ финансиска поддршка, износ кој ќе се префрли кон компанијата изведувач на софтверското решение за е-продавница веднаш откако е-продавницата ќе биде активна за реализација на онлајн нарачки и плаќање. Како сопствено учество во инвестицијата, компанијата мора да вложи 100$ или повеќе во износ неопходен за да се затвори финансиската конструкција со цел да се исплати целосниот износ кон компанијата која го изработува софтверското решение. Тука е отворена и опцијата ИТ компанијата да има сопствено учество и да помогне на потенцијалниот е-трговец при изработка на веб-продавницата.

Опција 2: Доколку апликантот одлучи да отвори е-продавница во рамки на локален онлајн пазар (Marketplace), во тој случај АЕТМ кон компаниите кои се дел од јавниот повик (согласно изборот на апликантот) ќе префрли износ од 500$ финансиска поддршка, додека останатите 500$ се однесуваат на финансиска помош од избраниот онлајн пазар, а обврска на апликантот ќе биде да учествува со 100$ со цел да се заокружи целосниот износ на понудениот пакет за соработка кој е со вкупна вредност од 1.100$.

Без разлика која од понудените опции ќе ја одбере апликантот, претставник од компанијата добитник на финансиска и консултантска поддршка кој ќе биде одговорен за е-продавницата задолжително треба да помине бесплатна обука за дигитален маркетинг и промоција во е-трговија, а воедно во рамките на новоотворената е-продавница неопходно е да се процесираат најмалку 20 поединечни продажби наплатени од различни корисници до крајот на 2020 година.

Филип Чижбановски

Наша цел е да поддржиме е-трговци кои реално ќе се посветат во работењето на е-продавница, а со тоа ќе придонесеме кон директно зголемување на нивниот промет, кој ќе резултира и со зголемен број на нови работни места во компаниите кои ќе бидат поддржани.

Од каде всушност произлезе оваа идеја?

Од самите почетоци кога Асоцијацијата започна со работа, јасно ни беше дека за да работиме на подобрување на е-трговијата неопходно е да започнеме од изработка на анализа за реалната состојба во која се наоѓа оваа дејност. Со други зборови, тргнавме од тоа каде се наоѓаме и дефиниравме каде сакаме да бидеме, а помеѓу овие две точки – почетната и крајната се наоѓа трнлив пат исполнет со препреки и предизвици, кој мора да се изоди постепено преку креирање на соодветни активности, планови и политики кои ќе резултираат со поволна клима за развој на е-трговијата.

Дел од проблемите кои беа адресирани на е-трговијата во тој момент беа недоволна едукација на населението која резултира со недоверба при купување, недостиг на дигитални вештини кои се неопходни за развој на е-трговијата, ниска свест за купување онлајн, како и недоволна понуда.

Од една страна, за луѓето да купуваат онлајн и на тој начин да се работи на подобрување на едукацијата и зголемувањето на довербата во онлајн купувањето – неопходно е да се работи на страната на понудата, односно да се зголеми бројот на онлајн продавници кои функционираат. Оттука се корените на овој проект, како резултат на претходно изработена сеопфатна анализа која ни укажува на кои сегменти е потребно да обрнеме внимание и кои активности да ги преземеме со цел да ја подобриме онлајн понудата. Од друга страна, голем дел од компаниите во изминатиот период истакнаа дека регулаторната рамка за е-трговија е комплексна, немаат доволно ИТ познавање за изработка на веб страница и имплементација на платежен процесор, а дел од нив немаат претстава какви се можностите за извоз на производи од земјава и регулирање на процесот на достава.

Сите овие работи се спакувани во веб платформа на која моментално работиме како Асоцијација, како дел од иницијативата „E-commerce for All”, која се реализира со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, која има за цел да им овозможи на сите потенцијални, но и веќе постоечки е-трговци детално и на интерактивен начин да се запознаат со регулативата за е-трговија, што е потребно за да се отвори е-продавница, кои се можностите и какви се постапките за увоз и извоз во е-трговијата, какви се можностите за онлајн плаќања и имплементација на истите, какви се можностите за испорака во нашата држава и надвор од неа, на што треба да внимаваат потрошувачите и како да се одржи безбедноста на највисоко ниво, претставување и креирање на листа на легални е-продавници со цел едукација за безбедно купување и намалување на сивата економија и движење кон целосна дигитализација.

(Не) Едукацијата на компаниите за оваа проблематика ја мапирате како клучен ограничувачки фактор за посилен развој на е-трговијата во земјава. На кои аспекти се мисли?

Премногу долго бевме насочени кон традиционален начин на функционирање и сето тоа остава длабоко влијание во секојдневието, како на поединците, така и на бизнисите. Кога велиме дека недостасува соодветна едукација кај компаниите, пред се мислиме на поседување соодветни дигитални вештини. Тие играат голема улога во зголемувањето на продажбата, особено кога станува збор за онлајн продажба.

Сопствениците на компании, во секое време можат да платат на ИТ компанија да им изработи веб продавница која ќе изгледа убаво и ќе ги содржи сите елементи кои треба да ги содржи модерна е-продавница. Но, самото тоа не значи дека продажбата ви е загарантирана. Да, продавницата убаво ќе изгледа, но сама по себе нема да носи посети кои во случајов се потенцијални купувачи. Од друга страна треба да биде „респонзивна” за користење преку различни уреди (компјутер, таблет, мобилен), со цел поефикасно управување на корисниците, имајќи предвид дека корисниците пристапуваат од различни уреди.

За една онлајн продавница да привлече посетители, потребно е да поседува квалитетна содржина и добро позиционирана маркетинг стратегија. Притоа, водењето на профилите на социјалните мрежи и управувањето со дигиталниот маркетинг е повеќе од значајно во целиот процес и се до една цел – да се убеди потрошувачот да го направи посакуваниот клик и да го купи вашиот производ. Ако во физичките продавници се бараат искусни продавачи, во онлајн продавниците се бараат лица кои имаат широки познавања од повеќе области.

Од друга страна, кога веќе потенцијалниот купувач ќе дојде на вашата веб страна и ќе разгледува што нуди е-продавницата содржината не смее во никој случај да го разочара или одврати од купување бидејќи ако еднаш ја загубите довербата, потоа е многу потешко да ја вратите назад. Сите производи и услуги која се нудат на вашата веб страна потребно е да содржат елементи неопходни за купувачот да може да се информира и да донесе одлука да го купи производот. Неопходно е да предвидите описот на производите и услугите да содржат одговор на секое прашање кое би можел да го постави купувачот доколку посети физичка продавница. Исто така добро би било доколку продавницата има опција за онлајн разговор (chat) или контакт телефон за грижа на корисници каде може да се информира за одредени работи додека е на самата веб страна.

Голем дел од компаниите кои продаваат онлајн, најголемата грешка ја прават откако купувачот успешно ќе купи производ или услуга онлајн. Грижата по извршеното купување е мошне важен сегмент, кој освен што ќе го врати купувачот повторно на вашата веб страна доколку е задоволен, ќе ве препорача на својот круг на пријатели. Успешната достава, прашалник за испитување на задоволството од користењето на услугите и благодарност за купувањето се значајни пост продажни елементи на кои мора да внимавате за да имате успешен онлајн бизнис модел.

Каков е досега интересот на компаниите и кој е вашиот апел до нив?

Интересот е одличен, иако морам да кажам дека големиот интерес не е изненадувачки за нас како Асоцијација. Во период од неколку дена откако е објавен јавниот повик, доставени се повеќе од 100 апликации. Станува збор за навистина интересни и иновативни бизнис идеи од кои најголем дел се однесуваат на постоечки компании кои имаат физичка продавница и преку финансиската поддршка од овој јавен повик се заинтересирани да имплементираат онлајн продавница.

Очекувавме огромен интерес уште во оние моменти кога ги дефиниравме критериумите на јавниот повик со оглед на очигледниот раст на е-трговијата и претходно, а особено во периодот откако стапија на сила ограничувањата на движењето како мерки за борба против Ковид-19.

До сите заинтересирани компании и претприемачи апелираме да не се двоумат дали сега е вистинскиот момент да аплицираат на Јавниот повик и доколку имаат концепт за онлајн продажба кој во нивните калкулации се покажал дека има бизнис логика да ја пополнат апликацијата објавена на веб страната на Асоцијацијата за е-трговија.

Притоа, во податоците кои ги бараме како дел од апликацијата, да не штедат на зборови со цел што поконкретно да одговорат на прашањата кои се од исклучително значење за добивање јасна слика за е-продавницата. Сите овие информации ќе бидат повеќе од неопходни за комисијата која ќе биде составена од експерти од областа на е-трговијата да може колку што е можно подобро да изврши евалуација, а понатаму и избор на компаниите кои ќе добијат финансиска помош како дел од јавниот повик.

Сподели!
- Advertisement -