Forbes неодамна ја објави својата годишна листа со милијардери, на која се наоѓаат повеќе од 2.770 луѓе, од кои речиси 500 по прв пат се најдоа на ова престижно рангирање. Веројатно најинтересната личност на списокот е Витни Волф Херд, чие богатство се зголеми откако на почетокот на годинава компанијата која ја основаше таа, Bumble, излезе на берза. Медиумите нагласуваат дека таа е најмладата жена која сама заработила милијарда долари, односно парите не ги добила од наследство или после развод.
Приказната на Витни Херд е прилично необична. Работела во Tinder и тоа искуство и помогнало при основањето на нејзината апликација за запознавање Bumble. Исто така, за разлика од повеќето бизнисмени и нејзините колеги и колешки кои се на раководни места во компании, кои цел ден живеат за работата, таа го цени своето приватни време и повеќе пати нагласува дека сака да има слободно време попладне.
И пред основањето на Bumble, Херд имала големо искуство со апликации за запознавање затоа што била дел од тимот што го основал Tinder. Компанијата ја напуштила после несогласувања со другите директори и затоа што поднела тужба за сексуално злоставување. Иако компанијата која управува со Tinder, Match Group, ги демантирала нејзините тврдења, сепак и платила 1 милион долари за спогодба. Исто така, била мета и на онлајн злоставувачи поради кои морала да го исклучи и својот профил на Twitter.
Бидејќи на сопствена кожа го почувствувала малтретирањето со оглед на тоа дека и како тинејџерка имала негативни искуства, одлучила да направи апликација во која целата контрола ќе ја имаат исклучиво жените и во Bumble само тие можат да почнат разговор со некого.
Компанијата ја основа со помош на рускиот инвеститор Андреј Андреев кој уште претходно ја основал социјалната мрежа Badoo, но пред две години го продаде својот удел во двете компании. Уделот на Витни Волф Херд во Bumble изнесува 11,6% и после излегувањето на компанијата на берза нејзиното богатство е проценето на околу 1,3 милијарди долари. Исто така, и таа има удел во Badoo, а двете апликации заедно имаат околу 40 милиони корисници, од кои 2,5 милиони плаќаат претплата.
Таа е една од 328 жени кои се наоѓаат на листата на милијардери на Forbes, што е раст во однос на минатата година кога имаше 241.
(BBC)
(фото: Wikimedia)