Во наредните два месеца германската компанија „Гересхајмер“ ќе соопшти дали ќе ја прошири инвестицијата во земјава, која, според првичните проекции, би трбеало да достигне околу 100 милиони евра.
Како што изјави потпретседателот на „Гересхајмер“, Оливер Бургел за „Дојче веле“, компанијата е во фаза на разговори, но многу важно при носењето на конечната одлука ќе биде и поддршката од македонската Влада која досега, оцени, е многу добра.
Германскиот производствен гигант за медицинска и фамацевтска амбалажа веќе ја стартува работата во Северна Македонија. Почна првата фаза тешка околу 30 милиони евра и 350 вработувања, со производство на специјални високософистицирани навртки за шприцеви која, според Бургел, се одвива согласно плановите. Многу бргу, истакнува потпретседателот на „Гересхајмер“, ќе бидат познати и деталите од планот за проширување на капацитетите.
-Досегашната инвестиција е околу 30 милиони евра и во првата фаза опфаќа околу 350 вработени. Но, доколку ги постигнеме очекуваните резултати, идејата е инвестицијата да се прошири. Деталите за ова ќе бидат познати во наредните два месеца. Нашиот инвестициски план е во двоцифрена милионска сума и во насока на околу 100 милионска инвестиција. Сепак прецизно не би можел се уште да кажам, бидејќи сме во фаза на разговори. Но, секако многу важно при носењето на конечното решение ќе биде и поддршката што ја добиваме од Владата која досега е многу добра, изјави Бургел.
Евентуалната одлука за проширување на производствениот капацитет, треба да биде досега најголема инвестиција во Северна Македонија, наведува „Дојче веле“. Доколку се реализира во близина на Скопје ќе се произведува амбалажа за вакцините против коронавирусот кои се користат ширум светот.
Поддршката и условите, но и брзината на реализацијата на она што било ветено од страна на македонските власти било пресудно „Гересхајмер“ да ја донесе одлуката за инвестицијата во Северна Македонија. Првично, македонскиот пазар воопшто не бил во фокусот на германската компанија која важи за водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија кој произведува специјализирани производи од медицинско стакло и пластика.
-Идејата за инвестиција во регионот е од 2017 кога и почнавме разговори и скенирање на теренот. Бевме во Албанија, Србија, Унгарија и С Македонија. Ја разгледувавме инфраструктурата и имавме средби со властите на различно ниво. Албанија отпадна релативно рано, исто така и Унгарија. Останаа Србија и С Македонија со кои интензивно разговаравме. Пресудно беше она што го имаше во С Македонија, а во Србија беше на ниво дека ќе биде. Се одлучивме за тука поради поддршката, но и откако се уверивме во инфраструктурата, автопатот што е импозантна. Разговорите почнаа уште во времето на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев. Ја добивме потребната поддршка и еве работиме, објаснува Бургел.
Во првата фаза од работењето, освен специјализираните навртки во план се и производство на катетри, но и уште неколку други т.н. аксесори за вакцините. За наредната фаза, која треба да донесе дополнителни вработувања, се предвидува готов производ. Целосни стаклени шприцеви со игли подготвени за полнење. Практично, ќе се произведува амбалажа за вакцините кои, во екот на пандемијата на коронавирусот, станаа најбарана стока во светот.
Станува збор за водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија кој произведува специјализирани производи од медицинско стакло и пластика. Инвестицијата на Гересхајмер е високо софистицирана и обезбедува работа за висококвалификувани кадри кои се и многу добро платени.
Бургел е свесен за предизвикот дека ќе има потреба од високо едуцирани и квалификувани кадри, но подготвени се како компанија активно да се вклучат во процесот на дуален систем на образование, кој по моделот на Германија веќе две години активно се спроведува во Северна Македонија во соработка со дел од постојните инвеститори во земјата.
Инвестицијата на „Гересхајмер“ во ТИРЗ Скопје 2 според македонската Влада е од исклучително значење. Не само поради високата и софистицирана технологија, туку и поради новите вработувања што ќе влијаат на натамошно подобрување на севкупниот економски раст.
Реализацијата на овој проект, кој е со потенцијал да прерасне и во досега најголема инвестиција, според надлежните во земјата, е потврда и конкретен резултат на посветеноста во работењето кон подобрување на условите за постојните, но и привлекување на нови инвеститори.
-Можам само да го истакнам моето очекување дека во скоро време ќе можеме да склучиме најголем договор за странска инвестиција во историјата на Северна Македонија. „Гересхајмер“ само во првата фаза се обврза да отвори 200 работни места, а на среден рок да го удвои овој број. Нашите сограѓани кои работат овде веќе примаат плати двојно над државниот просек. ТИРЗ и оваа Влада се насочени кон компании со напредни технологии кои носат високо платени работни места кои ќе обезбедат добар животен стандард и се начин да им обезбедиме перспектива и иднина на младите дома, во својата земја, вели директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Јован Деспотовски.
Фабриката на „Гересхајмер“ во зоната кај Скопје е прва во регионот на Југоисточна Европа. Најблиската фабрика на оваа германска компанија се наоѓа во Чешка. На глобално ниво, освен во Европа, „Гересхајмер“ има производствени погони во Северна и Јужна Америка, но и во Азија. Во моментов компанијата вработува околу 10 000 луѓе, а годишните приходи се на ниво од приближно 1,4 милијарди евра. мч/скс/