Се отвораат терасите на кафеаните и кафулињата, јавниот превоз до 21 часот

- Advertisement -

Угостителските објекти од денеска ќе можат да ги отворат терасите и да работат до 20:30 часот. Од денеска престанува да важи и забраната за организирање, одржување и присуство/учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани од ваков тип.

Забраната за организирање свадби, родендени и крштевки останува, а продолжува да важи и забраната за работа на сите фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање на затворен простор.

- Advertisement -

Согласно владината Одлука донесена по препорака на Комисијата за заразни болести, угостителските објекти регистрирани за прослави (свадби, родендени и крштевки) ќе можат да ја организираат својата работа само како ресторани на отворено (на терасите).

И вежбалните, фитнес клубовите, спортските центри и спортските сали ќе може да ја извршуваат дејноста на отворен простор, согласно соодветниот наменски протокол.

- Advertisement -

Како што соопшти Владата, новите мерки ќе важат до 15 мај.

-Од 28 април сите угостителски објекти ќе можат да работат само во отворените делови, односно на терасите и тоа до 20:30 часот по што треба да бидат затворени за посетители. Компаниите од угостителската дејност регистрирани за прослави (свадби, родендени, крштевки и слично) ќе можат да ја организираат работата само како ресторани на отворено, односно на терасите, а забраната за организирање свадби, родендени, крштевки и слично, останува, соопшти Владата.

- Advertisement -

Исклучок од ова се угостителските објекти на меѓународните аеродроми, како и објектите за сместување (хотели, мотели, хостели, пансиони и друго) за лицата кои се сместени во овие објекти, кои остануваат да работат како и до сега.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера рече дека Владата, и покрај рестриктивните мерки кои мораа да се воведат, ќе му помогне на туристичко-угостителскиот сектор, а за тоа, напомена, е избран соодветен, праведен и правичен модел. Од 17,8 милиони евра, колку што тежи шестиот пакет економски мерки, само за угостителството се предвидени 9,9 милиони евра.

– Мораме да сфатиме дека и во период на криза треба да се обидеме да креираме систем кој е одржлив и кој ќе даде дополнителни позитивни ефекти на среден рок. Сметам дека овој модел еднаш за секогаш ќе ги исфилтрира тие кои заслужуваат да добијат помош, а  за тие што помалку заслужуваат се надевам дека ќе ги опфатиме со другите тековни програми со кои работиме на сузбивање на сивата економија, на зголемување на вработливоста, рече Битиќи и најави дека ќе се сретне со претставници на Туристичко-угостителската комора.

Вицепремиерот нагласи дека во развојот и креирањето на политиките има два пристапа. Првиот е, како што рече, една капа за сите, а вториот – скроена капа за различни.

– Ние креираме скроени модели и политики за одредените категории на угостители, прецизира Битиќи.

Владата вчера соопшти дека полицискиот час од денеска ќе почнува во 21:00. До тогаш ќе функционира и јавниот градски превоз. Билетарниците на ЈСП и центрите за персонализација ќе работат од 6:00 до 19:30 часот. Жичарницата на Водно нема да работи, а нема да сообраќаат ниту трите линии до Средно Водно (25, 25А и 25Б), како и туристичката линија „Сити тур“. Исто така, продолжува да не важи и бесплатниот превоз за возрасни – во вторник, петок, сабота и недела.

Сподели!
- Advertisement -