Георги Михаилов: Со инвестицијата од балтички акселератор Startup Wise Guys од 55.000 евра ќе го прошириме Разговор.мк и во други земји!

- Advertisement -

Грижата за менталното здравје и личниот раст и развој се главните придобивки кои можат на лесен, брз и едноставен начин да се постигнат со користењето на апликацијата Разговор.мк, првата платформа за ментално здравје во Македонија, но и во регионот, која овозможува спојување на лиценцирани психолози и сите оние на кои им требаат нивните услуги.

Георги Михаилов и Филип Бујароски се коосновачи на Разговор.мк, а дел од овој млад старт-ап се главниот инжинер Дарко Сарев и Ангел Николов, кој е задолжен за продажба и развој на бизнисот. Тие се и единствениот старт-ап од регионот кој стана дел од првата програма за одржливост на водечкиот балтички акселератор Startup Wise Guys, преку која со инвестиција од 55.000 евра ќе го развиваат својот продукт, а планираат и да го прошират во земјите од регионот.

- Advertisement -

Во разговор за Иновативност, еден од креаторите на разговор.мк, Георги Михаилов вели дека нивната идеја е да создадат платформа по мерка на психолозите и на корисниците, која ќе може да се користи во многу земји каде треба да се развива свеста за менталното здравје.

Разговараше – Сања Наумовска

- Advertisement -

Георги, кажи ни нешто повеќе за платформата Разговор.мк.

Разговор.мк е онлајн платформа за ментално здравје, која овозможува спојување на лиценцирани психолози и сите оние на кои им требаат нивните услуги. Засега, платформата се грижи и за двете страни. Психолозите имаат софтвер преку кој можат да креираат свој профил на кој ќе имаат целосна контрола, како на распоредот и календарот, така и на цените на нивните услуги. Во моментов креираме и други алатки за нив, кои наскоро ќе им бидат на располагање. Од другата страна се граѓаните, корисниците, кои можат лесно, брзо и анонимно да се најават, да ја разгледаат листата на психолози и нивините биографии, искуството и методите на работа, да прочитаат искуства од претходните корисници, лесно да закажат сесија и брзо и едноставно да платат за услугата.

- Advertisement -

Како функционира платформата Разговор.мк.?

Разговор.мк почна да функционира од август минатата година, а нејзиното користење е многу едноставно и брзо. Во моментов постојат мобилни апликации за Android и iPhone уреди. Корисникот може да се најави со прекар, возраст и пол, податоци кои не се верификуваат, со што се запазува анонимноста. На овој начин секој корисник доаѓа до листата на лиценцирани психолози, кои во моментов на платформата се над 30. Тука можат да се информираат за сите детали околу сесиите, специјалноста на психологот, цените и слично. Апликацијата е бесплатна, се плаќа само услугата на психологот.

Нашата бизнис идеја е да им дадеме алатка на психолозите каде што самите ќе ги контролираат својот начин на работа и цената. Воедно, со овие алатки им овозможуваме да станат подобри во својата работа. На почетокот на платформата имаше само седум психолози, а голем дел од нив беа скептични околу онлајн комуникацијата со корисниците. Сепак, неколку месеци потоа, веќе ги гледаат нејзината вредност и можности.

Како се одвива комуникацијата помеѓу психолозите и корисниците на апликацијата?

Секој регистриран корисник може да се запознае со кратките биографии на психолозите, нивниот пристап на работа, каков тип на советување нудат и нивното работно искуство. Тука е и прегледот од претходните корисници и нивните искуства. Сесиите можат да се закажат и извршат преку апликацијата, а во процесот корисникот останува целосно анонимен. Комуникацијата со психологот може да се реализира на три начини, со допишување, со аудио или со видео сесија. Разговорите се целосно енкриптирани што значи дека анонимноста и заштитата на податоците се загарантирани исто како разговорот да е извршен лично, во ординација. Психологот може да наведе дали со клиентите ќе работи на сите три начини, или пак со еден или два, а корисникот може да одбере на каков начин сака да се реализира сесијата. 

Како дојдовте до идеја да создадете ваква платформа?

Јас и Филип првично размислувавме за еден поинаков вид на платформа преку која ќе ја искористиме довербата од другарството која постои во мали групи друштва. Секој од нас има блиски луѓе на кои им се доверува и од кои во различни ситуации очекува помош и поддршка. Сакавме на нашите потенцијални корисници да им овозможиме апликација преку која ќе создаваат такви групи од доверба и меѓу себе да се мотивират, да си даваат поддршка и да остваруваат разни цели. Брзо увидовме дека, иако е веројатно дека блиските луѓе имаат најдобри намери за нас, сепак, не секогаш го имаат и најдобриот совет и начин на поддршка. Тука одлучивме дека во проектот мораме да вклучиме и лиценцирани професионалци кои ќе помогнат на вистинскиот начин. Така настана разговор.мк, преку која луѓето лесно и едноствано доаѓаат до стручна помош од психолог.  

Каков е интересот за апликацијата? Колку сесии се реализирани досега? Имаше ли и пандемијата придонес за овој број?

Досега апликацијата е инсталирана на над 3.000 уреди, тоа се корисниците кои го направиле првиот чекор и се одлучиле да добијат пристап до лиценциран професионалец за ментално здравје. Досега преку платформата се имаат остварено над 1.300 сесии. Со оглед на тоа дека стартувавме во период на пандемија на Ковид 19, на почетокот овозможивме 70 бесплатни сесии. Тие се искористија за два дена. Очекувавме интерес, но ова беше навистина изненадување. Тоа ни укажа дека потребата на граѓаните за помош и поддршка од експерти за ментално здравје е огромна. И самите психолози, кои на почетоците беа резервирани околу начинот на онлајн комуникација, во анкетите кои постојано ги спроведуваме, ни посочија дека пандемијата има големо влијание врз побарувачката на нивните услуги. Од тие причини во моментов развиваме и веб апликација наменета за корисниците која за месец до два ќе биде готова. Психолозите веќе имаат веб апликација, која во моментов се доразвива.

Вие сте единствениот старт-ап од регионот кој стана дел од програма на балтичкиот акселератор Startup Wise Guys. Каде го видоа тие потенцијалот за развој на разговор.мк?

Ние бевме дел од програмата за одржлив развој на Startup Wise Guys, а фокусот беше ставен на влијанието во општеството кој се прави со работата на стартапите. Настапивме со идеја дека овој тип на платформи успешно функционираат во развиените земји, но не и во земји во развој, кои имаат понизок стандард. Нашиот став е дека овој пазар мора сега да се создаде, а преку платформата да влијаеме во менувањето на навиките, јавната свест и пристапот до професионалците за ментално здравје. Забележавме дека по ова прашање има голема стигма, дури и кај младите луѓе, од што се гледа дека луѓето не ја разбираат вредноста која можат да ја добијат од оваа соработка. На менталното, исто како и на физичкото здравје, му треба стручна нега. Задоволни сме што импактот што може да го направиме во општеството го увидоа од Startup Wise Guys и што инвестираа во развојот на нашата идеја.

Во кој правец ќе ја развивате платформата со оваа инвестиција?

Средствата ќе ги искористиме за две работи. Првата е развој на платформата од технички аспект, а втората е проширување на пазарите во регионот. Нашата идеја е да создадеме платформа по мерка на психолозите и корисниците, па така во моментов ги увидуваме сите технички предизвици од реалната употреба, што сакаме да ги надминеме. На пример, преку софтвер и употреба на различни алгоритми ќе се обидеме на најефикасен, најбрз и најлесен начин да го споиме клиентот со психологот што му е потребен и кој има најголема шанса да му помогне, врз основа на проблемот што го има и сака да го реши. Ова е од причина што се случува еден клиент да лута во разговори со повеќе психолози и да не најде решение, а тоа да биде причина да се разочара и откаже.

Кои се вашите планови за иднина?

Платформата ќе продолжи да се развива, а основа за тоа ќе биде фидбекот што ќе го добиваме од клиентите во нашата земја и од земјите од регионот. Фокусот ќе биде на потребите на психолозите и корисниците. Главната цел е да развиеме доволен број и добри алатки за психолозите и да им создадеме услови да бидат што подобри и поуспешни во својата работа. Соработуваме и со компании кои се општествено одговорни и одговорни кон своите вработени. Тие ќе можат преку нашата платформа да им овозможат на своите вработени пристап до психолози, што ќе им помогнат во одржување на менталното здравје и личниот раст и развој. Веќе имаме преговори со неколку компании кои се заинтересирани за оваа можност. Сакаме, исто така, да се фокусираме и на региони во развој во други делови од светот, како во Африка или делови од Азија каде овој тип на платформа може да има најголем импакт во секојдневното живеење на луѓето.

Сподели!
- Advertisement -