Вакцината против коронавирус на „Бионтек/Фајзер“ кај постари лица произведува три и пол пати поголем одговор на антитела кога втората доза се одложува до 12 недели по првата, покажа британско истражување.
Студијата, објавена во петокот, е прва што директно го споредува создавањето на антитела по тринеделно растојание од две дози препорачано од „Бионтек/Фајзер“ и продолжено растојание до 12 недели помеѓу две дози, што многу земји го воведоа поради недостиг на вакцини, со цел да опфатат многу повеќе луѓе со прва доза на вакцина и со тоа барем делумно да заштитат поголем број луѓе од смртоносната болест.
„Нашата студија покажува дека врвниот одговор на антителата по втората доза на „Фајзер“ е значително зголемен кај постарите лица кога се одложува на 12 недели“, рече авторката на студијата, Хелен Пари од Универзитетот во Бирмингем.
Студијата, која сè уште не поминала научна рецензија, опфатила 175 лица на возраст од 80 до 99 години и утврдила дека со продолжувањето на растојанието помеѓу две дози, врвот на создавање на антитела се зголемува за 3,5 пати во споредба со луѓето кои ја примиле втората доза по три недели.
Институтот за јавно здравје во Англија оцени дека студијата дополнително го поддржува британскиот пристап кон вакцинирањето, со кој е зголемено растојанието помеѓу две дози на вакцини и со тоа се опфатени и заштитени поголем број луѓе со првата доза.
Фото – Freepik