Amazon го купува познатото холивудско филмско студио MGM за 8,45 милијарди долари. Преземањето на студиото ќе му донесе пристап на Amazon до најпопуларните филмови во историјата како серијалите со Џејмс Бонд, Роки и Робокап. MGM ја поседува и франшизата за The Hobbit, која одлично ќе одговара на новата серија Lord of the Rings која Amazon ја подготвува за Prime Video. Од телевизиските серии најново од студиото е хит-серијата која веднаш стекна популарност The Handmaid’s Tale.
Зделката е втората најголема зделка во историјата на Amazon после аквизицијата на Whole Foods за 13,7 милијарди долари и е дел од новите напори за консолидација на медиумскиот сектор, каде што веќе се води војна за превласт. Веќе видовме дека Disney ја купи 21st Century Fox за 71 милијарди долари, а компанијата-мајка на HBO Max, WarnerMedia, неодамна се спои со Discovery. Заедно тие две компании трошат 20 милијарди долари на содржини, што е нешто повеќе отколку што троши Netflix на оригинална понуда (17 милијарди долари).
Но, додека медиумските компании веќе некое време склучуваат големи зделки меѓусебе, друга е сликата кај технолошките џинови. Со години кружат гласини дека MGM сака да продава и претходно наводно студиото беше во преговори со Apple, кој даваше 6 милијарди долари.
Amazon, пак, додега повеќе се интересираше за индивидуални филмски права и зделки за спортски натревари во живо. Сепак, во текот на пандемијата компанијата ги купи правата на филмови од типот на Coming2America и продолжението на Borat. Џеф Безос неодамна откри дека Prime Video изминатата година го користеле над 175 милиони претпланици на сервисот.
(Engadget)
(фото: Pixabay)