Од 2 до 4 јуни во „Холидеј ин“ во Скопје, во коорганизација на здружението „Вина од Македонија”, се одржува десеттото јубилејно издание на Балканскиот интернационален вински натпревар (BIWC). На натпреварот ќе биде избрано најдоброто вино на Балканот од престижно жири, чии членови ќе дојдат во нашата држава. Оваа година жирито вклучува 18 вински судии од 10 земји, од кои најмалку тројца се носители на титулата Master of Wine.
„Ни претставува големо задоволство што 10-годишнината на овој светски познат натпревар се организира токму во нашата земја. Покрај улогата што ја имаат на натпреварот, членовите на жирито ќе посетат и неколку домашни винарници, со што дополнително ќе го промовираме македонското вино пред оваа значајна експертска јавност. На 4.јуни 2021 ќе се одржат и два мастеркласа и изложба на вина за дегустација, на која посетителите ќе имаат можност да ги пробаат вината од регионот кои учествувале на натпреварот. Притоа, особено ни е драго што годинава има рекорден број на пријавени вина од сите балкански земји. Резултатите од натпреварот ќе бидат објавени на посебна гала вечера што ќе се одржи истиот ден, кога ќе бидат доделени наградите и специјалните признанија за најдобра винарница на Балканот. Оваа година прв пат ќе се додели и наградата „Винска личност на Балканот“ за заслуги во промоцијата на балканските вина“, изјави Елена Младеновска – Јеленковиќ, извршен директор на здружението „Вина од Македонија“.
Организаторите на Балканскиот меѓународен вински натпревар и фестивал (The Balkans International Wine Competition and Festival – BIWCF) веќе 10 години го промовираат виното од балканските земји. Јубилејот на овој настан оваа година се одржува во две земји – од 2 до 4 јуни во Скопје и од 17 до 19 јуни во Софија, под отворено небо, под наслов „Вински град”.
„Голем е интересот за учество на производителите на вино на годинешниот јубилеен натпревар. 2020 беше полна со предизвици и промени, но и покрај тоа успеавме да одржиме успешен натпревар и фестивал. Балканскиот меѓународен вински натпревар и фестивал беше еден од ретките во Европа што не беше откажан. Производителите на вино во Бугарија и на Балканот се исклучително талентирани и посветени професионалци кои успеаја со достоинство и уште поголеми амбиции да ги надминат неочекуваните предизвици што ги донесе корона-кризата“, изјави Галина Нифору, директор и основач на Балканскиот вински натпревар и фестивал.