Во време кога ни се достапни бројни забавни и комуникациски содржини, на младите им е се потешко да се одвојат од уредите и да се посветат на учењето. Родителите се обидуваат да најдат разни начини за да ги одвојат децата од смартфоните и да ги наговорат прво да ја напишат домашната задача, па потоа да се забавуваат.
Кинеската компанија ByteDance, која е најпозната по својата социјална мрежа TikTok, пронајде еден необичен и прилично интересен начин за надзор на децата во текот на учењето и пишувањето домашни задачи – столна ламба. Не станува збор за обична ламба, туку за модерна столна ламба наречена Dali Smart Lamp (Dali Education е нивниот бренд фокусиран на едукативна технологија) која е опремена со екран и камери преку кои родителите можат да ги надгледуваат децата.
Dali Smart Lamp не е евтина и во кина може да се купи за 120 долари, односно 170 долари за моделот кој има дополнителни опции. Столната ламба е опремена со две камери. Едната е напред и нејзиниот објектив е фокусиран на децата, додека другата е во горниот дел и ја снима тетратката или книгата која се наоѓа на масата.
Во ламбата е интегриран и екран преку кој родителите можат да разговараат со децата, а има и мобилна апликација која родителите ја инсталираат на своите телефони и преку која можат да ги надгледуваат и да разговараат со нив. Поскапата верзија на ламбата има и опција за испраќање известувања и фотографии до родителите кога ќе забележи дека децата не ги извршуваат своите задачи или не учат. Така родителите можат постојано да следат колку децата се фокусирани на училишните обврски.
Од ByteDance велат дека ламбата ја направиле за да им помогнат на родителите кои одат на работа постојано да бидат упатени во тоа како нивните деца учат и пишуваат домашна работа. Во текот на првиот месец од претставувањето продале над 10.000 парчиња.
(Zimo)
(фото: YouTube)