Инвестиција од 70 милиони евра која предвидува 100 нови вработувања, ќе биде фотонапонската електрана во Осломеј од 100 мегавати за чија изградба денеска и официјално беа потпишани договорите меѓу „АД ЕСМ“, „Фортис енержи електрик“ од Турција и со „Солар про“ од Бугарија.
Реализацијата на овој проект ќе биде по принципот на јавно-приватно партнерство, а електраната се очекува да биде функционална до крајот на годината.
Како што истакна премиерот Зоран Заев кој присуствуваше на потпишувањето, станува збор за една од најголемите инвестиции во обновливите извори за производство на електрична енергија во земјава.
-Фотонапонската електрана од 100 мегавати е конципирана како две постројки од по 50 мегавати. Двете компании на јавниот повик имаа најдобри понуди. Тие на ЕСМ ќе му исплаќаат надоместок за јавното-приватно партнерство во износ соодветен на 18 отсто и 18,50 проценти од произведената електрична енергија за час. Пресметките покажуваат дека заработка на државата би се движела до 1,5 милиони евра годишно. Колку поуспешно ќе работи нашиот приватен партнер толку подобро ќе биде и за нашата држава. Дополнително инвеститорите имаат обврска да земат по еден вработен по мегават, односно 100 вработени од Осломеј за трајно да ги обезбедиме тие наши сограѓани. Тоа само ја потврдува Северна Македонија како одлична дестинација за инвестиции во фотонапонски централи, како и посветеноста на Владата во спроведување на правична енергетска трансформација, рече Заев.
Премиерот уште еднаш истакна дека Владата силно и посветено го поддржува инвестирањето во обновливите извори на енергија.
-Развивме сериозен енергетски стратешки план и една од точките на Акција 21, како и во Интервентниот План за инвестиции 2021-2027 е енергетиката. Станува збор за сериозен процес на промена на јагленовите термо електрани во фотонапонски и гасни електрани и ветерници. Заедно со тоа државата ги јакне институционалните и финансиски можности за инвестиции во обновливи извори на енергија. Одржливата или зелена енергија е меѓу нашите приоритети. За тоа потврдуваат и резултатите, Северна Македонија е на врвот, меѓу шампионите во регионот по раст на обновливи извори на енергија. Само за минатата година го зголемивме производството на енергија од обновливи извори на 827 мега-вати, што претставува раст од 10,1 отсто и е во рамки на светскиот просек на зголемување од 10,3 отсто, нагласи Заев.
Тој потсети дека до 2030 година следува постепено затворање на термоелектраните, на сите три блока во РЕК Битола и еден блок на РЕК Осломеј, а новите инвестиции во фотоволтаици се 1800 мегавати ширум државата.
Премиерот Заев најави воведување еколошки такси за загадувачите, вклучувајќи ги и нафтените деривати, а во наредните години и еколошка такса на јагленот и производството на електрична енергија од јаглен, согласно политиките на ЕУ и обврските од Парискиот договор.
-Средствата од овие еколошки такси ќе бидат исклучиво наменети за дополнителни проекти за зелена енергија. Донесовме Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, во која се предвидени три сценарија, основно, умерено и зелено сценарио. Добивме поттик од невладиниот сектор и од меѓународните организации, да го имплементираме зеленото сценарио, што значи поголеми инвестиции во чиста енергија, обновливи извори на енергија, затварање на термоелектраните на јаглен, инвестиции во енергетска ефикасност. Сите овие инвестиции бараат финансиски средства, некои ќе бидат обезбедени од Буџетот, додека останатите од приватни инвеститори. Праведната транзиција меѓу другото значи и тие што загадуваат да плаќаат пенали, со цел да се обезбедат средства во Буџетот за успешно спроведување на праведната транзиција. Нема успешна енергетска транзиција, доколку не ја направиме истата да биде праведна. На тој начин ќе обезбедиме чиста животна средина за нашите деца и за идните поколенија, објасни Заев.
Генералниот директор на „АД ЕСМ“ Васко Ковачевски за кој изградбата на фотоелектраната во осломеј е една од најголемите инвестиции во македонската енергетика, рече дека ЕСМ нема никаков паричен влог во изградбата, туку дека дава само локација, пристапен пат, анализа за условите за производство и балансирање енергија.
По потпишувањето на договорите, се обратија и сопственикот на „Фортис енержи електрик“ од Турција, Атилла Учкардеш, како и управителот на фирмата „ОСМ Солар-Скопје“, Константин Василев Ненов. мч/дма/