37.8 C
Skopje
вторник, јули 27, 2021

Во апицентарот „Пчеличка“ кај Кичево прележани од Ковид 19 се лекуваат со вдишување аеросоли директно од пчелините кошнички

Kabtel desktop

Апицентарот „Пчеличка“, кој се наоѓа на само неколку километри од Кичево нуди уникатна можност за третмани со сите видови пчелини продукти, со вдишување воздух директно од пчелината кошничка. Тоа е нов семеен бизнис на семејството Спасеноски, кои веќе неколку години одгледуваат пчеларник од стотина пчелини семејства. Тие годинава решиле семејниот бизнис да го подигнат на повисоко ниво и на посетителите да им овозможат уникатно искуство на лековита дружба со пчелите. Во апицентарот ангажирано е целото семејство, Виолета, нејзиниот сопруг Борче и синот Филип, кои се грижат за пчелите, за одржување на апицентарот и за прием на гостите.

Виолета вели дека тие во моментов имаат една куќарка со три позиции за инхалација, но и големи планови за во иднина. Ќе се изградат и на уште неколку куќички, во кои ќе може и да се спие со зуењето на пчелите.

Новинар – Сања Наумовска

Г-ѓа Спасеноска, што им нуди апицентарот „Пчеличка“ на своите посетители?

Апицентарот „Пчеличка“ нуди апитерапија, односно вдишување на аеросоли директно од кошничката на пчелите. Тој е лоциран во една исклучителна природа во селото Доленци, Манастирско, опкружен со шума и изолиран од секакви индустриски влијанија веднаш под манастирот Пречиста. Апицентарот официјално започна со работа во мај, а периодот за инхалирање апитерапија ќе трае до 15 септември, по што следи периодот на мирување на пчелите до следната пролет. Во моментов имаме една куќарка со три позиции за инхалација, но најчесто, заради актуелните протоколи за Ковид 19 ја користи само еден пациент, освен ако не се работи за семејство. Секој инхалатор е поврзан со пчелина кошничка од каде директно се вдишува воздухот збогатен со пчелини продукти. Веќе има голем интерес, луѓе постојано ни се јавуваат и доаѓаат, а на наше големо задоволство има и позитивни искуства од терапијата. Куќичката е изградена целосно од природни материјали, најмногу од дрво, а кога ќе влезете внатре веднаш се чувствува слаткиот мирис на присуството на пчеличките.

За што всушност се користи апитерапијата?

Апитерапијата е многу поволна за целиот организам, за лица со различни здравствени проблеми, но и за здрави луѓе. Особено, се покажува успешна терапијата на пост Ковид пациентите. Веќе неколку наши клиенти се чувствуваат многу подобро, иако претходно и по неколку месеци се мачеле со белодробни воспаленија и последиците од нив. Не посетуваат и луѓе кои имаат кардиоваскуларни заболувања, но и здрави луѓе, како спортисти, кои сакаат да го зголемат капацитетот на белите дробови, или дечиња на кои им е потребно зајакнување на имунитетот. Апитерапиите се особено ефикасни и во лекувањето на синуси, веќе имаме неколку позитивни искуства со пациенти.

Инхалаторите се директно поврзани со пчелините кошници. Колку време трае една инхалација и како функционира процесот?

Една инхалација трае дваесетина минути, по што следува пауза од 40 минути, па процесот се повторува уште еднаш. Најдобро е инхалациите да се повторат најмалку пет пати во рок од десет дена, а максимум десет инхалации за 20 денови, што се смета за заокружување на целосен третман. После секоја инхалација се прави стерилизација на инхалаторите. Се што се вдишува за време на апитерапијата е 100 отсто природно и органско. Бидејќи инхалаторите се поврзани директно со пчелината кошница во процесот се вдишуваат сите пчелини продукти, восок, перга, матичен млеч, пчелин отров, полен и мед. Инхалаторот е поврзан со вентилатор, кој обезбезбедува поголем и побрз проток на воздух. Технологијата е набавена од Словенија, каде единствено во регионот има фабрика за инхалатори специјализирани за апицентри.

Постои ли голем интерес за овој тип на терапија, која кај нас е релативно нова?

Изненадена сум од големата заинтересираност и позитивен пристап на луѓето кон апицентарот „Пчеличка“ и кон апитерапиите, генерално. За многу кратко време се рашири глас дека постоиме и постојано имаме посетители. Очигледно е дека луѓето многу почитуваат природни и здрави третмани кои им носат голем бенефит за нивното здравје. Сега има многу инфомации достапни на интернет, па доаѓаат веќе информирани луѓе кои знаат што да очекуваат. Идејата за ваков тип на терапевтска куќичка кај нас постои веќе неколку години, откако дознавме за исти такви во Украина. Но, откако почнаа да се шират и во регионот, Србија, Црна Гора, Словенија.. решивме да отвориме и ние.

Засега имате само една куќарка за апитерапии. Планирате ли да изградите и нови?

Да, имаме големи планови за проширување. Местото е пристапно, на само неколку километри од Кичево, а природните услови се одлични. Имаме планови да овозможиме и дневен и ноќен престој за нашите посетители кои треба да примат повеќе апитерапии. Ќе направиме и куќарка за релаксација, која ќе биде наменета за преноќување и спиење со звукот на пчелите. Во неа ќе има можност да се отворат капаците на пчелинот сандак и преку стакло да се набљудуваат и да се слуша зуењето на пчелите. Тоа во светот е многу користена терапија за одмор и релаксација и ублажување на стресот и депресијата.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •