Иницијативата „Зелен хуман град“ со независна листа ќе настапи на локалните избори во Скопје

- Advertisement -

Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ денеска на прес-конференција најави дека на претстојните локални избори ќе настапи со независна листа предводена од актуелната советничка во Град Скопје, Драгана Велковска и еко-активистот Горјан Јовановски.

Тие посочија дека влегуваат во изборната трка за Советот со непартиска коалиција, чие јадро, како што посочуваат, го претставуваат долгогодишни активисти-волонтери кои се посветени на заштита на животната средина, социјалната правда, заштитата на животните и урбаната мобилност.

- Advertisement -

„Нашата кампања е насочена исклучиво на тој Совет наместо на индивидуалните општини, бидејќи го сметаме Скопје за органска целина која мора да биде третирана холистички. Советот ги има најголемите надлежности во сферите на делување на членките на ЗХГ, и од таму почнува долгиот пат кон сеопфатна институционална промена и враќање на значењето на поимот демократија во ова општество“, стои во соопштението на иницијативата.

Како што посочуваат тие, одлуката да излезат на претстојните избори е последица од долгогодишното исклучување и изневерување на довербата на граѓаните од политичарите. Во меѓувреме, додаваат дека кулминацијата на таквата пракса била серијата одбивања на предлозите од платформата „МојГрад“.

- Advertisement -

Дополнително, тие најавуваат и дека изборната листа ќе ја комплетираат со јавен конкурс токму преку „МојГрад“, во отворен процес на кандидирање, кој најавуваат дека ќе почне наскоро.

„Со тоа, за прв пат на овие избори ќе биде реализиран идеалот за обединување на активистите од една и обичните граѓани од друга страна. Ваквиот иновативен пристап е продолжение на битката за локален суверенитет која секојдневно се одвива на ‘МојГрад’, преку предлозите на корисниците на платформата“, додаваат од иницијативата.

- Advertisement -

Инаку, „Зелен хуман град“ е неформална коалиција на локални активистички организации од Скопје основана на 16 септември, минатата година.

Извор – Радио МОФ

Сподели!
- Advertisement -