Половина милион граѓани ќе бидат целосно имунизирани во август, наесен можни рестрикции за невакцинираните

- Advertisement -

Засега не се планираат рестрикции на границите и во организирањето помасовни настани, но можно е од есен да ги има за невакцинираните граѓани. Се размислува за ограничувања од септември или октомври за оние што не примиле вакцина, најави вчера министерот за здравство Венко Филипче, соопштувајќи дека следат што преземаат другите земји за заштита од Ковид-19, особено со ширењето на позаразниот делта сој.

– Некои земји воведуваат брзи тестови за влез во маркети, места за културни настани итн. Размислуваме за тоа, но одлука сè уште не сме донеле. Меѓутоа, ако процениме дека ризикот од невакцинираните, генерално популацијата, вклучувајќи ги и вакцинираните, е доволно голем, ќе воведеме рестриктивни мерки, нагласи Филипче.

- Advertisement -

Во пресрет на новата учебна година, од средината на август ќе има интензивна кампања за вакцинирање на вработените во училиштата и во градинките кои, како што рече, се најкритичните и најбитните сектори за да може нормално да работат од септември.

Филипче повторно апелираше до граѓаните дека вакцинирањето е единствен начин да се смени сликата за пандемијата, притоа посочувајќи дека само 0,02 е процентот на заболени од Ковид-19 кои се целосно вакцинирани. Од вкупно 330 илјади ревакцинирани, 92 пациенти се заболени од Ковид-19. Ова е уште еден доказ за тоа колку е корисна вакцината, додаде Филипче.

- Advertisement -

Од почетокот на епидемијата минатиот февруари, коронавирусот е потврден кај 156 124 лица од 959 456 направени тестови. Оздравени се 150 307, а починале 5491 пациенти.

Фото – Freepik

Сподели!
- Advertisement -