Акику за МИА: Пристап до интернет со задоволителна брзина и во најодалечените рурални подрачја

- Advertisement -

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) усвои зголемување на брзината на интернет од сегашните 2 Mbps на 12 Mbps за секој краен корисник кој е дел од универзалната услуга. Ова значи пристап до интернет со задоволителна брзина и во најоддалечените рурални подрачја на државата каде што сите граѓани, вклучително и учениците, ќе добијат стабилен интернет пристап и останати телефонски услуги, вели во интервју за МИА директорот на АЕК, Јетон Акику.

Тој најавува деја АЕК наскоро ќе го распише тендерот за 5Г, а операторите кои ќе ги добијат потребните одобренија ќе треба практично да започнат со изградба на нова мрежа, при што поставувањето на базните станици за 5G постојано ќе се зголемува. Тоа ќе повлече и зголемување на инвестициите и во развојот на кабелската инфраструктура, најмногу на технологијата со оптика.

- Advertisement -

Акику информира дека до АЕК пристигнуваат приговори најмногу во делот на висина на сметката, квалитетот на услугата и во делот на услуги за телевизија.

АЕК неодамна подготви финална анализа на брзината на пренос на податоци за ефикасен пристап до интернет, како дел од услугите опфатени со универзалната услуга. Што покажуваат податоците за  брзината на интернет и какви промени повлекува направениот документ од аспект на корисниците?

- Advertisement -

– Во рамките на проектот за услуги опфатени со универзалната услуга спаѓа и услугата за интернет пристап. Во моментов во тек е договорот кој што е склучен во 2016 и трае до крајот на 2021 за давател на универзална услуга. Согласно овој договор минималната брзина на пристап до интернет е 2 Mbps.Преку транспарентна постапка, АЕК предложи и усвои зголемување на брзината од сегашните 2 Mbps на 12 Mbps интернет брзина за секој краен корисник кој е дел од универзалната услуга. Ова значи пристап до интернет со задоволителна брзина и во најоддалечените рурални подрачја на Македонија каде што сите граѓани, вклучително и учениците, ќе добијат стабилен интернет пристап и останати телефонски услуги. Ова треба да стапи на сила од 1 јануари 2022 година по спроведена постапка согласно Закон за утврдување на давател на универзална услуга. За очекување е ова особено да им биде од помош најмногу на учениците со учење од далечина, како и на стопанствениците во тие подрачја. Треба да се напомене дека минимална брзина од 12 Mbps во Европа, во моментов има само во Македонија. Само две земји членки на ЕУ, Словенија и Шведска, имаат дефинирана минимална брзина од 10 Mbps, a останатите земји членки на ЕУ имаат помала брзина и од 10 Mbps.

Каде е најмногу изразен дигиталниот јаз во државава, што преземате како регулатор за негово надминување и дали сите чинители во општеството се ангажирани доволно во таа насока, со оглед на најавите за се поголема дигитализација?

- Advertisement -

– Владата на 2 февруари 2019 го усвои Националниот оперативен бродбенд план (НОБП). Тоа е документ на кој работеа експерти од областа на електронските комуникации во Македонија и тоа од: АЕК, Министерсвото за информатичко општество и администрација, Македонска радиодифузија, Факултетот за електротехника и информациски технологии од Скопје, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје, претставници од операторите во Македонија, претставници на компании кои се производители на опрема за електронски комуникации. Во НОБП прецизно е обележана целата територија на Македонија со бели (зони во кои нема мрежи и не постои комерцијален интерес за изградба на електронска комуникациска мрежа), сиви (зони во кои постои една брза електронска комуникациска мрежа на оператор и нема план за развој на друга брза електронска комуникациска мрежа на друг оператор во наредните три години) и црни зони (зони во кои има изградено најмалку барем две брзи електронски комуникациски мрежи). Исто така прецизирани се и мерките која институција е надлежна за нивно исполнување. АЕК ги има спроведено обврските што се побаруваат согласно НОБП. Именo на: https://e-agencija.aek.mk/AEK-ETI можат да се видат сите исполнети обврски на АЕК. Обезбедена е Единствена точка за информации. АЕК преку веб страница обезбедува единствена точка за информации со цел заинтересираните страни, покрај другото, да добијат минимални информации, во однос на планираната изградба на јавна електронска комуникациска мрежа и средства од членот 75 од Законот за електронски комуникации и на постоечката физичка инфраструктура на субјектот од членот 66 став (1) од овој закон, и тоа: податоци за видот, основните технички карактеристики и хоризонталната и вертикалната поставеност на подземните и надземните инфраструктурни објекти и придружната инсталација, како и податоци за субјектите кои управуваат со истите.

Во контекст на ова е и најавениот тендер  за одобренија за користење на радиофрекфенции за петтатата мобилна генерација 5Г. Кога може да очекуваме негово распишување, какви се искуствата во државите што веќе се навлезени во вакви активности во однос на цените, поставувањето базни станици, најавено е дека ќе ги има во поголем број, очекувате ли реакции со оглед на информациите за штетност на оваа технологија?  

– Во најскоро време ќе продолжи постапката за доделување на Одобренија за воведување на 5G во Македонија. Секако дека операторите кои ќе ги добијат потребните Одобренија ќе треба практично да започнат со изградба на нова мрежа и поставувањето на базните станици за 5G постојано ќе се зголемува. Особено ќе треба погусто да се градат базните станици кои ќе работат во опсегот 3.4-3.8 GHz што зависи од пропагациските карактеристики на радиобрановите во овој радиофреквенциски опсег.  За цените на услугите се очекува да бидат формирани на база на трошоци и за очекување е да бидат слични на сегашните.  Во поглед на нејонизирачкото зрачење, АЕК максимално го искористи периодот кога двата мрежни оператори вршеа тестирање на 5G. AEK спроведе соодветни мрења и во едно сценарио кога целокупната енергија од 5G базните станици беше насочена кон мерниот уред, во урбана средина (центарот на Скопје), се доби коефициент на изложеност на нејонизирачко зрачење од 14,9  проценти од максималните 100  проценти според Меѓународниот комитет за заштита од нејонизирачко зрачење кој што ги пропишува нормите на светско ниво. Во тие 14,9  проценти придонесот од 5G технологијата беше 32 проценти за разлика од 4G чиј придонес беше 49 отсто. Повеќе за ова има на: https://aek.mk/izvestaj-od-merenje-na-nejoniziracko-zracenje-5g-test-mreza/ АЕК и по воведувањето на 5G континуирано ќе го следи нејонизирачкото зрачење кое потекнува од сите извори.

Која е вашата генерална оценка за состојбата на пазарот на електронски комуникации во државава по ковид кризата, кој сегмент е најбрзо растечки и што ќе биде најголемиот предизвик за овој сегмент?

– Информациите говорат дека најмногу пораст за време на кризата има во зголемувањето на податочниот сообраќај. Тоа го кажуваат и карталните извештаи и годишниот извештај за развој на пазарот за 2020 што ги објавува АЕК редовно. За очекување е да продолжи и понатаму овој раст и може да се каже дека покрај другите причини и ова е една од причините за воведување на 5G, a секако дека тоа ќе повлече и зголемување на инвестициите и во развојот на кабелската инфраструктура, најмногу на технологијата со оптика.

Колку вкупно компании работат, има ли интерес за влез на нови, барања за нотификаци до АЕК, неодамна и Српски телеком објави дека основа компанија во државава,… Има ли интерес за влез на пазарот на мобилна телефонија? 

– Во моментов во АЕК се нотифицирани над 70 компании кои обезбедуваат електронски комуникациски мрежи/услуги. Во делот на мобилна телефонија, од спроведената Намера, за која јавната расправа заврши на 05/07/2021, јасно може да се констатира дека има интерес за влез на нови оператори на пазарот за електронски комуникации во Македонија.

Пред повеќе од еден месец стартуваше целосната  примена на Договорот за роаминг со земјите од Западен Балкан и услугата Роаминг како дома во регионот. Дали покрај информативни прашања има и конкретни поплаки од граѓаните и по кој основ и какви заштитни механизми се предвидени?  За што најчесто се доставуваат поплаки до АЕК,  каков тренд бележите, намалување, зголемување, информирани ли се доволно граѓаните за своите права?

– Досега не се пристигнати приговори од крајните корисници на услугите по основ на RLAH режимот на наплата. Заштитни механизми се предвидени на тој начин што кога корисникот ќе направи сообраќај во роаминг над 1.000 денари, операторот испраќа информативен СМС до корисникот и притоа ја исклучува услугата интернет. Доколку корисникот сака и понатаму да користи интернет, го информира операторот и повторно услугата ќе биде достапна. По достигнување на 3.000 денари реализиран сообраќај операторот испраќа СМС со информација за надминувањето. Во однос на другите услуги до АЕК пристигнуваат приговори, најмногу во делот на висина на сметката, квалитетот на услугата и во делот на услуги за телевизија. Се бележи намалување на поднесените приговори до АЕК. Во поглед на информираноста за правата на корисниците, АЕК континуирано тоа го прави со цел крајните корисници да бидат што подобро информирани.

Лидија Велковска

Сподели!
- Advertisement -