Д-р Петар Бачевски кој ги креираше Pro Angy производите тврди: Прополисот е течно злато!

- Advertisement -

За ова интервју на Иновативност, патот не однесе во ординацијата на познатиот дерматолог д-р Петар Бачевски, кој во важи за еден од најголемите практичари дерматолози, со експертско име кое е мошне ценето во југоисточниот дел на Европа. 

После години посветени на јавното здравство, меѓу првите се охрабрува да замине и отвори приватна пракса уште во 90-тите. Тој не е само класичен специјалист дерматолог. Тој е истражувач кога станува збор за природни начини за решавање на комплицирани дијагнози поврзани со дерматологијата. 

- Advertisement -

Три децении посвети на проучувањето на прополисот. Има свои пчели на кои секојдневно им го посветува своето време. За него прополисот е течно злато, а неговите лекови на природна база се патентирани и се продаваат на Балканот.

Новинарка Љубица Ангелкова

- Advertisement -

После години посветени на јавното здравство, меѓу првите се охрабрувате да заминете и отворите приватна пракса. Како денес гледате на таа ваша одлука тогаш?

Веќе со години не се инвестира во јавното здравство. Особено во дерматологијата, каде што на глобално ниво има страшно многу иновации. Ласерите се веќе одомаќинети, а има и многу друга софистицирана опрема. Исто така не се инвестира во кадар и негово доусовршување. На сите мои укажувања, немав никакво разбирање од управата и затоа го напуштив местото началник и отворив своја ординација. Од оваа дистанца, жал ми е што тоа не го направив порано. 

- Advertisement -

Вие не сте само класичен специјалист дерматолог.  Вие сте истражувач кога станува збор за природни начини за решавање на комплицирани дијагнози поврзани со дерматологијата. Кога започна тој ваш интерес?

Интересот започна уште во гимназиски денови, со мојата матурска тема “Параметри на водата на Охридското Езеро”, на која работев со поддршка на екипата од Хидробиолошкиот завод Охрид. Оригиналната верзија никогаш не излезе во јавност, па бев присилен да ја “дотерувам”, затоа што прв го открив загадувањето со нитрити и органски соединенија. Тоа беше такво време. Зборувам за 1974 година. Имав предвидено колектор и електро-филтери, регулација на Река Сатеска… И ден денес, оваа тема е актуелна, затоа што државата не може или не сака да ја види вредноста на езерото како природен ресурс, а повеќе е заинтересирана да биде еден бетонски базен.

Во меѓувреме се запишав на Медицински факултет и случајно му дојде во рака една руска книга во која беше опишана имуномодулацијата на имуниот систем со пчелини убоди. По дипломирањето, првата плата ја потрошив на 6 сандаци пчели. Сé останато понатаму е историја. 

Три децении посветивте на проучувањето на прополисот. Тоа е навистина долг временски период на љубов кон нешто во што верувавте од старт… Што откривте?

Првиот препарат го направив во импровизирана лабораторија. Имено, мојата медициснка сестра доби Alveolitis пост екстракција на заб, имаше многу јаки болки кои не се смируваа со аналгетици. После првата апликација на мојот препарат болките престанаа. Со колегата стоматолог, сметавме дека е јатроген ефект и дека болката ќе се јави за кратко време. Изненадувачки, со неколку третмани Alveolitisot се смири. Потоа станав хит кај стоматолозите и многу пациенти успешно ги излекував. Е тогаш веќе се убедив во моќта на прополисот и почнав да проучувам, да читам и трагам по различна литература и да правам комбинации со етерични масла. Светот ќе биде соочен со многу тешка ситуација заради неконтролирана и прекумерна употреба на антибиотици, многу бактерии веќе мутираат, како на пример Stafiloccoccus во meticilin резистентна форма, pseudomoas auriginosa итн. Фармацевтската индустрија не може толку брзо да одговори на потребите, а прополисот за повеќето од нив е решение.

Денес, водите и компанија која има 25 годишна историја. Станува збор за Апимел Др Бачев. Тоа е македонска фармацевтска компанија специјализирана за производство на природни препарати со прополис и етерични масла. Колкав асортиман имате, какви линии произведувате?

Моментално располагаме со палета од 20 производи во категории додатоци за исхрана (за деца и ворасни), гранични производи и козметика. Континуирано работиме и истражуваме нови идеи, развиваме прототипови, па очекувајте нови препарати во блиска иднина. 

Семејно имате свој прилично голем пчеларник, повеќе години. Оттука и поврзаноста со таа ваша љубов и почит кон она што го создаваат пчелите. Колку време минувате таму?

За жал пчелите одумираат и од познати, но и од непознати причини. Нивниот број глобално опаѓа…жалам што некогашното задоволство од пчеларењето, е намалено и се сведува на разочарување. Соработувам и со голем број пчелари од цела држава, така и се поддржуваме. 

Вие сте иноватор кога станува збор за производите од мед кои имаат примена во медицината, па и козметологијата. Дали и како ги заштитувате иновациите како интелектуална сопственост?

Заштитата на иновациите е тежок проблем, соочени сме со плагијати на имињата кои ги имаме заштитено. Ова е поширока тема, која бара поинаква елаборација. 

Ваш пазар е Балканот. Дали стремите кон друга експанзија, на други пазари?

Државата мора да ги реши некои основни нешта. Не постои модерна и професионална пошта, немаме Pay pal, ние имаме секојдневно нарачки од цел свет. За жал не сме во можност да ги испорачаме нашите производи на поширок пазар. 

Кој производ последно е во вашиот фокус и сметате дека на пазарот со него поместувате граници и кој ваш продукт сметате дека е златен производ на вашата компанија по популарност?

Во моментот работиме на еден препарат за бебиња кој ќе реши еден голем дерматолошки проблем. Ако можам да одвојам златен производ од прополис, тоа се спрејовите Proangi и Proaftol.

Имате иновирано и препарат за сончање кој не содржи заштитен фактор, а работи на принцип на поттикнување на базна пигментација.

Заштитните фактори се неопходни само кај дерматолошките болести. Кај здрави луѓе најдобра заштита е сопствениот пигмент, кој треба постепено да се стекне со краткотрајни изложувања на сонце во тек на неколку денови. Впрочем, со кој заштитен фактор се штитат луѓето во Африка… Нормално со сопствениот пигмент. 

Можете да ни кажете нешто повеќе за линијата Rosacease?

Кремата Rosacease е решение за болеста Rosacea која е фрустрирачка и за пациентите и за дерматолозите. Позитивни се резултатите од користење и таа крема со време ќе си го најде своето место во терапијата. 

Каде може да се најдат вашите производи?

Препаратите можат да се најдат во сите аптеки во нашата држава и на територијата на Косово и Србија сме присутни со нашите линии. 

На што работите од идни планови?

На изградба на нов современ погон и на соработка со најавени инвеститори. 

Кога не сте во ординацијата вие сте кај плечите. Како би го опишале мигот кога сте во нивно друштво?

Многу релаксирачко, во споредба со работата во ординацијата. 

За крај, зошто да веруваме на природните препарати?

Природата нуди неограничени можности. Земете го за пример пеницилинот кој направи револуција во лекување на бројни болести. Прополисот, заради својот состав делува на бактерии, вируси и габи не само со директно дејство врз нив, туку и заради подигнување на алтернативниот пат на комплементот, кој филогенетски е многу постар имунолошки механизам кај човекот од класичниот пат на комплементот кој има многу помал дијапазон на делување, но за тоа треба лекарите да се добро едуцирани на тема имунологија и да ги препознаат добрите страни на прополисот, наспроти употребата на антибиотици и други лекарства. 

Среќен сум што генерации и генерации деца, кои поминале низ мојата ординација пораснаа без употреба на антибиотици и дадов свој придонес во здравствената култура. 

Сподели!
- Advertisement -