Европската унија собра пет милијарди евра со продажба на краткорочни должнички хартии од вредност на првата заедничка аукција на долгови, соопшти Европската комисија.
Како што е наведено, износот од 2,999 милијарди евра го собра од продажба на квартални должнички хартии од вредност и 1,977 милијарди евра од продажба на должнички хартии од вредност со рок на доспевање од шест месеци. На тој начин, ЕУ ја собра највисоката целна сума.
„Тримесечниот долг беше продаден со просечен негативен принос од 0,726 проценти, додека приносот на шестмесечната должничка хартија од вредност беше минус 0,733 проценти“, се наведува во соопштението на Европската комисија.
Аукцијата на краткорочниот заеднички долг на ЕУ привлече голем интерес, со побарувачка за тримесечна должничка хартија за 3,39 пати поголема од понудената сума. Вредноста на собраните понуди за шестмесечната хартија од вредност беше 5,76 пати поголема од понудата.
Аукциите исклучиво ги користат државите и тие функционираат на тој начин што банките, во договор со продавачот, ја преземаат улогата на дилери, купуваат должнички хартии од вредност, а потоа ги продаваат на инвеститорите.
ЕУ користеше инструмент за продажба на обврзници за да собере 90 милијарди евра за програмата SURE за зачувување на работните места, ангажирајќи банки да продаваат долгови директно на крајните инвеститори.