Бочварски oчекува напролет да започне изградбата на пругата кон Бугарија

- Advertisement -

Во финална фаза се процедурите од тендерската постапка за изградба на железничката пруга од Коридорот 8, порача денеска од Штип министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. За двете делници во игра се осум компании. Очекува на почетокот на годината да се склучат договорите со избраните компаниите.

– За првата делница Куманово – Бељаковце имаме три заинтересирани фирми, за втората делница Бељаковце – Крива Паланка имаме пет заинтересирани компании. Нашите и моите очекувања се дека во текот на јануари ќе можеме да потпишеме и договор и кон крајот на првиот квартал, односно напролет 2022 година да започне да се гради пругата кон Бугарија. Тоа е многу значајно и со инвестиција од околу 200 милиони евра првата и втората фаза ќе влезат во реализација. Исто така, децениски проект којшто денеска се решава и денес продолжува со градба, вели Бочварски.

- Advertisement -

Прашан дали и во Буџетот за 2022 година се предвидени средства за изградба на брана на река Отиња, Бочварски со одговор дека се планирани средства.

– Браната на река Отиња останува во буџетот на Министерството за транспорт и врски, тоа е Предлог-буџет којшто допрва ќе оди во Собрание и ќе има доволно средства за да се одвиваат непречено активностите и во наредната 2022 година. Моите сознанија и она кое што го знам од проектите и од изведувачите на терен некаде 2023 ќе биде годината кога ќе ја завршиме градбата на оваа брана и со тоа очекувам да направиме уште една голема и крупна работа за регионот и за општина Штип, рече Бочварски.

- Advertisement -

Порача дека  Министерството за транспорт и врски и Владата остануваат отворени за соработка со општините, без разлика на тоа кој ги  менаџира.

– Апсолутно, ние сме отворени за соработка. Впрочем, тоа го докажавме и во изминатиот период, имаше општини и во минатиот мандат коишто ги раководеа градоначалници и од опозицијата и од власта. Подеднакво инвестиравме насекаде, во сите региони, тоа се гледа колку инвестиравме во сите општини, така ќе продолжиме и во иднина. Заради тоа што инвестирајќи во општините, помагајќи на општините помагаме пред се на граѓаните. Тоа е нашиот народ, тоа се нашите граѓани, без разлика кој управува важно е да се соработува, истакна Бочварски.

- Advertisement -

Министерот за транспорт и врски, Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми најавија дека од утре граѓаните од југоисточниот регион ќе патуваат по новата обиколница и нема да влегуваат во градот Штип.вдј/лв/

Сподели!
- Advertisement -