Дигитален Саем за средно стручно образование, можност за деветтоодделенците да ја изберат вистинската професија

- Advertisement -

На 30 ноември и 1 декември оваа година, за првпат ќе се одржи Дигитален Саем за средно стручно образование. Клучната цел на овој уникатен настан е деветтоодделенците, кои за неколку месеци ќе излезат од клупите на основните училишта, заедно со нивните родители да се запознаат подетално со можностите кои ги нудат средните училишта во земјава за стекнување на стручни вештини и соодветно вработување по завршување на средно образование.

Дигиталниот саем го организира проектот Образование за вработување во Северна Македонија и Македонскиот Центар за Граѓанско Образование, со поддршка од Министерството за образование и наука и Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија.

- Advertisement -

„Целта на претстојниот дигитален саем за средно стручно образование е да ги поттикнеме деветоодделенците од целата земја и нивните родители да се информираат при носењето на првата значајна кариерна одлука преку согледување на можностите кои ги нудат средните стручни училишта и компаниите во земјава. Преку илустративни примери од неколку занимања кои се денес исклучително барани на пазарот на труд, сакаме да ја потенцираме можноста за реализирање на кариерниот избор преку стручното образование, преку кое ученикот добива можност за практична обука во компанија, каде би биле поддржани од обучени ментори“ нагласува Ивана Георгиевска, експерт за стручно образование и обука од проектот Образование за вработување – Е4Е@мк.

Дигиталниот Саем ќе се одржи на 31 ноември и 1 декември оваа година со почеток во 13 часот, преку YouTube каналот на E4E@мк. Сите заинтересирани може да ги скенираат QR кодовите за соодветниот ден или да се приклучат преку следните линкови:

- Advertisement -

30 ноември – https://youtu.be/j6QX_j2ueX0

1 декември – https://youtu.be/NIlgWWJWFHo

- Advertisement -

Што ќе се случува на Дигиталниот Саем?

Дигиталниот саем ќе се реализира во рамки на два дена. Во сесии по еден час младите ќе се запознаат со образовните програми на повеќе средни стручни училиштата, а ќе имаат и уникатна можност да проследат конкретни примери на успешни средношколци кои избирајќи средно стручно образование станале успешни електро и машински техничари, готвачи, мехатронички и транспортни техничари … Под слоганот „Како да станеш …?“ ќе има повеќе интересни презентации кои би требало да ги извадат на виделина младите херои кои избрале струка и ефикасно и успешно се вклучиле на пазарот на труд.

Освен тоа програмата на Саемот вклучува и неколку отворени дискусии на теми поврзани со изборот на идна кариера, како и презентации на можностите за образование и обука кои ги нудат компании кои имаат дуални паралелки во повеќе средни училишта. Целокупната програма е дизајнирана на забавен, интересен и интерактивен начин да се доближи средното стручно образование до младите кои го завршуваат основното образование. Очекувањата се дека Дигиталниот Саем ќе биде инспирација и запознавање на идните средношколци со широкиот избор на професии кои ги нуди средното стручно образование и уште поважно понудата на кариерни можности.

Со овој настан освен што се дава поддршка на средношколците, родителите и стручните училишта, се поддржуваат и домашните и странски компании кои на различен начин се директно вклучени во образовниот процес. Со саемот, околу 19.000 деветоодделенци низ целата држава ќе можат да се запознаат со различни образовни профили, со дуалните паралелки кои функционираат во се повеќе средни стручни училишта и најважно од се со можностите за практична обука и менторска поддршка кои ги добиваат средношколците од стручните училишта, како основа за нивно ефикасно вработување по завршување на образованието.

Преку дуалното образование, младите се стекнуваат со знаења и вештини потребни на пазарот на труд, а компаниите кои се вклучени во овој систем добиваат подготвен стручен кадар кој ќе може да одговори на работните задачи. Имплементацијата на овој образовен концепт започна пред неколку години, со мал број на компании и училишта. Но, до 2021 година, бројките значително се зголемија и во овој момент има приближно 200 компании кои сеа вклучени во практичната обука на учениците, додека 44 средни стручни училишта низ целата земја имаат дуални паралелки во соработка со компаниите.

Искуството на компаниите, според нивните изјави, е многу позитивно затоа што средношколците освен теоретско знаење добиваат и практично знаење и искуство на најсовремени машини и по најсовремени стандарди во самите компании. Обезбедената менторска поддршка е уште една предност и аргумент плус да се избере ваков концепт на образование, кое дефинитивно е во пораст.

„Соочени со Ковид пандемијата, дигитален саем за средно стручно образование е засега најбезбедната форма за информирање на деветоодделенците од целата земја и нивните родители за можностите кои ги нудат средните стручни училишта и компаниите. Во периодот кој доаѓа, остануваме посветени на организирање на саем за стручно образование со физичко присуство на кој компаниите и стручните училишта, ќе им овозможат на учениците да бидат дел од одредена професија или струка преку практични примери и реална примена на професијата, барем на еден ден“, вели Дорина Ѓорчева Митровска од Македонскиот центар за граѓанско образование.

Дигиталниот саем на еден начин е продолжение на активностите кои се реализираат во рамки на кампањата на МОН „Учи паметно, работи стручно“, која на почетокот на годината спроведе социјален дијалог со компаниите, стопанските комори и локалните самоуправи за потребата од отворање на нови дуални паралелки во средните стручни училишта низ државата. Кампањата е насочена кон привлекување на што повеќе  компании во стручното образование и отворање на дуални паралелки согласно потребите на пазарот, имајќи во предвид дека минатите години имаше само 10 дуални паралелки на територијата на целата држава. Денеска веќе функционираат 97 дуални паралелки, заедно со 200 компании во 44 училишта.

Сподели!
- Advertisement -