Се одржа FIRST LEGO League, првиот натпревар за едукативна роботика во Македонија

- Advertisement -

   

Во сабота на 26-ти февруари 2022 година, во просториите на  СОУ “Тошо Викентиев” од Кочани се оддржа натпреварот за едукативна роботика FIRST LEGO League (за деца од 10 до 16 години), во соработка со Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип а под регионалниот партнер за територијата на Република Северна Македонија „Академија за роботика и иновации“ од Скопје.

- Advertisement -

Натпреварот беше отворен со поздравен говор од градоначалникот на Кочани, господин Љупчо Папазов, претставници од интернационалната заедница на FIRST LEGO League, претставници од приватниот и јавниот сектор.

МИСИЈАТА на FIRST® е да ги инспирира младите луѓе да бидат лидери и иноватори во науката и технологијата, вклучувајќи ги во возбудливи менторски програми со помош на кои ги развиваат своите вештини од областа на STEM кои понатаму инспирираат иновации и поттикнуваат развој на неопходните способности за животот на 21 век како самодоверба, комуникација и лидерство.

- Advertisement -

Оваа година се натпреваруваа 7 тимови од Скопје, Кочани и Тетово.

Тимот кој во сите категории освои најмногу поени и се стекна со титула Победник на овогодинешниот турнир е тимот “ROBO MOSQUITOS” од “СТЕМ Роботика Кочани”, за кој е овозможен интернационален пласман во текот на оваа година да ја претставува Република Северна Македонија на светско првенство.

- Advertisement -

            Натпреварот за едукативна роботика FIRST LEGO League секоја година се оддржува во повеќе од 100 земји а вклучува преку 40.000 тимови од национално и меѓународно ниво кои соработуваат додека траат подготовките, истражуваат различни предизвици, изработуваат проекти и ја вклучуваат заедницата. На тој начин, теоретското учење е поткрепено и со практично искуство а децата и младите го продлабочуваат своето знаење, љубопитност, комуникација, самодоверба и лидерство за да го направат подобар светот во кој живееме, да биде свет полн со иновации и инклузија и да ги ги инспирира младите луѓе да бидат лидери и иноватори во науката и технологијата, односно во СТЕМ областите.

Соработката, почитувањето и беспрекорниот професионализам се основата на филозофијата на лигата, кои се согледуваат преку основните вредности кои го нагласуваат иновативниот пристап и упорноста при решавање на проблеми, можноста за откривање и истражување на нови вештини и идеи,  практичната употреба на теоретското знаење, меѓусебното почитување и прифаќање на нашите разлики, тимската работа и меѓусебната сплотеност затоа што сме посилни кога работиме заедно, уживаме во работата и го славиме она што го работиме.

Пријавените тимови од целиот свет работат на различни предизвици а оваа сезона 2021 – 2022, предизвикот е ИДНИНАТА НА ТРАНСПОРТОТ вклучувајќи креирање на иновативни решенија од испорака на пакети во рурални и урбани области до испорака на помош при катастрофи, поттикнување на размислување за идната оддржливост на транспортот.

Во текот на подготвителниот период, секој тим истражуваше проблем по сопствен избор а во рамките на овогодишната тема. Како вистински научници, тимовите развивааа истражувачки прашања, истражуваа и консултираа експерти за да дојдат до решението на проблемот и да го споделат понатаму.

Преку категориите на роботска игра и дизајн на роботот со кој тимовите од Кочани, Скопје и Тетово практично ги совладуваа мисиите на овој предизвик, иновативен проект и основни вредности, беа оценувани од страна на стручното жири составено од Универзитетски професори при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, поддржувачи на настанот од приватниот и јавниот сектор.

Прво место во категоријата „Роботски дизајн“ освоија “SUPERIORS” од ПСУ “Јахја Кемал”, Скопје.

Прво место во категоријата „Основни вредности“ освоија “SMASH CLAN” од ПСУ “Јахја Кемал”, Тетово.

Прво место во категоријата „Иновативен проект “ освоија “MAKBOT PIONEERS” од СОУ “Тошо Викентиев”, Кочани.

Прво место во категоријата „Роботска игра“ освоија “SPACE WALKERS” од “СТЕМ Академија”, Скопје.

Тимот “BOT PLATINUM” од ПСУ “Јахја Кемал” – Тетово доби пофалница за успешно учество.

Тимот “WARTMOON” од ПСУ “Јахја Кемал” – Скопје доби пофалница за успешно учество.

            Во светот каде знаењето и информациите експоненцијално растат и се лесно достапни, децата и младите треба да се стекнуваат и да ги негуваат вештините и способностите за да се стекнат со вистинското знаење за истражување, анализа и обработка на информациите, креативното и иновативно размислување, тимската работа, транспарентноста, соработката и процесот за остварување на зацртаните цели. Оваа способност ќе им користи во текот на целиот нивен живот, ќе им овозможи лесно и брзо да се прилагодуваат на брзите промени во денешниот променлив свет, и на овој начин, ќе им обезбеди нивен личен просперитет, како и општествен развој и економски раст на земјата.

Затоа, имајќи ја во предвид важноста на овој натпревар во целокупниот наш развој, ги охрабруваме децата и младите да креираат тимови и да веруваат во себе и менторите да го дадат на располагање своето знаење и да ја обезбедат поддршката на своите тимови за да понатаму навлезат во светот на иновативноста преку едукативната роботика.

Во текот на месец август 2022 година, на светско ниво ќе биде објавен предизвикот на следната сезона 2022-2023 за кој дополнително ќе дадеме одреден временски период за пријавување на учеството на тимовите во следниот национален натпревар за едукативна роботика FIRST LEGO League (за деца од 10 години и нагоре) и FIRST LEGO league explore (за деца од 6 до 9 години).

Сподели!
- Advertisement -