Лидија Георгиева: Студентите на Технолошко-Металуршкиот факултет во Скопје се и дизајнери и инженери

- Advertisement -

Лидија Георгиева е редовен професор на Институтот за текстилно инженерство на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и една од нашите најпознати модни дизајнери. Своето огромно искуство од работењето на својот бренд, но и во некои од најпознатите модни куќи во Европа, Георгиева несебично им го пренесува на студентите. Таа, за Иновативност, објаснува дека студиите на ТМФ се единствени, бидејќи на младите им нудат комплетно образование, и за дизајн и за инженерство, но и многу практична работа во лабораторија и на терен.

Разговараше – Верица Јорданова

Како ги комбинирате улогите на моден дизајнер и професор?

- Advertisement -

Професорот мора да е активен и да ја следи сцената затоа што темпото на промени е забрзано, а со појавата на новите вештини новите наставни методи треба редовно да се надградуваат. Неопходно е со континуирана динамика, студентите да се стимулираат истовремено да стекнуваат и практично искуство преку работ на терен. Особено во модниот дизајн, примерот треба да го дадеме ние професорите затоа што не смееме да заседнеме во нашата комфорна зона.

Но, овој семестар е малку поспецифичен. Наставата се држи од дома и во почетокот се соочив со реален пад на мотивацијата кај студентите. Морав да се вложам додатно, со сериозни консултации со секој посебно, кои некогаш наликуваат на мотивациски разговори. Сепак успеавме, доста сме активни и развиваме нови вештини. Дигиталната технологија ни овозможи да го збогатиме нашиот визуелен речник, а седењето дома да го претвориме во креативно поминато време.

- Advertisement -

Кои се вашите активности?

Покрај предавањата и вежбите, традиционалната годишна модна ревија годинава нема да се случи, но ќе се обидеме да најдеме начин тоа искуство да се надомести подоцна.Минатата година славевме 60 години јубилеј на Факултетот со ревија насловена Декади. Седум групи работеа и ја дадоа својата визија, но во текот на работата сфатив дека младите не знаат многу за минатиот век. Една од моите задачи овој семестар беше да работиме и на општата култура, не само за мода и дизајн, туку и книги, филмови, архитектура, изложби …

- Advertisement -

Имаме и традиционална соработка со Францускиот институт и со Француската амбасада, преку кои нашите студенти одат на наградни патувања во Париз. Годинава прва активност ни беше изложбата во Францускиот институт, на дизајни од трите најдобри студенти кои беа на наградно патување во Париз минатата есен.

Имаме успешна соработка и со претседателската канцеларија МладиХАБ, каде редовно изложуваме дизајни на нашите студенти со серија наречена „Успешни приказни“. Минатиот ноември по вторпат имавме финалисти на NOIZZ Fashion Award, регионална манифестација за млади дизајнери во Белград.

Виктор Цветановски и Љубица Беќарова на Noizz fashion award во Белград

Неколку генерации наназад нашите студенти работеа како асистенти за костими на театарски претстави, ТВ серии, а во рамките на Скопскиот моден викенд учествувавме на ревии.

Сакам да потенцирам дека кога студентите добиваат диплома, од кај нас излегуваат со веќе богато исполнето работно резиме, што е од големо значење и затоа голем дел од нив се вработени и активни на пазарот.

Минатата година ja завршивте со многу активности кои ги вклучуваа и вашите студенти и обидите младите да се мотивираат и да се задржат во Македонија. Може ли да ни кажете ни нешто повеќе за нив?

Одливот на мозоци во нашата земја трае подолго од две децении. Бројките се поразителни и мора сериозно да работиме на современи идеи кои ќе им овозможат услови на младите да останат. Младите треба да одат во странство за да соберат искуство, но од заеднички интерес е да се враќаат, бидејќи така носат свежи перспективи и различни искуства.

Изложба во Младихаб

На тоа поле минатата година имавте многу активности. Кои се резултатите од нив?

Фестивалот „Недела на излозите“ за подигнување на визуелната култура на граѓаните на Скопје имаше силна едукативна цел. Фокус ни беа излозите – како галерија отворена за сите минувачи. Наместо обично пласирање на производи, беа декорирани 11 излози на кои им се пријде со креативен израз и концепт. Нашата идеја беше млади дизајнери и архитекти да ги спојат своите вештини за да се дојде до интересно наместен излог. Проектот се одвиваше во неколку фази, од идентификување на млади таленти, мастер класови на кои светски звучни имиња презентираа знаење, до работилници со ментори од дома и странство, на кои знаењето требаше да се претвори во конкретни проекти. Последната фаза беше во декември, кога со презентацијата на излози направивме инвазија на улица „Македонија“ во Скопје.
Сé што сме направиле досега, ревии, изложби, разни поректи, идните студенти можат да го разгледаат на ФБ страната Моден дизајн на ТМФ.

Колку тоа им отвори нови перспективи на студентите, за работа на терен и за иднината на нивните кариери?

Искуството е двојно – не само теренска работа, туку и соработка со младите архитекти. Тие и во иднина ќе треба да соработуваат со сродни профили и да создаваат иновации. Ние исто така им дадовме платформа преку која нивната работа ќе биде јавно изложена, а нивните имиња сè уште стојат на излозите.

Студенти и алумни од ТМФ со македонската амбасадорка во Франција, Јадранка Чаушевска Димов на отворањето на изложбата во Париз

Подолго време работите со студенти на Технолошко-металуршкиот факултет. Колку во Македонија има побарувачката за профилите кои ги создавате на овој факултет и каков е интересот на младите за изучување на оваа професија?

Веќе неколку години модата како професија е во мода. И покрај тоа што младите се иселуваат, бројот на студенти на Институтот за дизајн и инженеринг на облека на ТМФ е во пораст во последните седум години. Многу е важно што новата програма е со двојна ориентација. Едниот дел е дизајнерски, а другиот е инженерски. Пазарот на труд е мал, но кога ќе излезе инженер со дизајнерска наобразба и обратно, има опции да се приспособи, да работи во креаторско ателје или во фабрика и да се стекне со искуство во сите гранки на дизајнот. Програмата нуди многу опции, а дополнително инсистираме и на теренско искуство, но сепак успехот зависи и од нивниот интерес и афинитети.

Цртежи на Стефанија Златкова, студент на ТМФ

Колку контекстот на политичка и економска несигурност во кој и на крупни промени и преголемо влијание на дигиталната технологија во секоја сфера, влијаат на дизајнот генерално?

Модата е екстремно динамична индустрија. Постојано се појавуваат нови начини на работење и тоа се процеси кои не можат да се спречат. Со демократизацијата на модата, таа стана достапна за секој џеб. Сега не е проблем со малку средства добро да се изгледа, вклучително и во Македонија. Поради новонастанатата ситуација, брендовите се натпреваруваат во активирање на нивните клиенти со онлајн присуство, преку разни креативни техники и настани.

Јас сум во фаза на слоуфешн – тоа е единствена еколошки одговорна позиција која можам да ја заземам во процесот на градење на „новото нормално“.

Штетата од создавањето на масивни количини текстилен отпад е голема, но добро е што се појавуваат одговорни компании кои овозможуваат затворен круг на производство. Производот може да се купи и носи, а потоа да се врати за тие да се рециклира и повторно да се врати на пазарот. Циркуларната економија и еколошкиот пристап ќе мора да станат дел од работата на модните компании. Покрај авангардните концепти во модата, денес не постои сериозен бренд кој не покажува свест и иницијатива за грижа за животна средина.

Колку овие компании можат да направат баланс со купувачите и со масовниот консумеризам?

Само со кампањи и со зголемување на свесноста. Секогаш авангардата за зачувување на животната средина е во скандинавските земји, но тоа не значи дека и кај нас треба да се занемарува. Текстилниот сектор се обидува да ги актуелизира неопходните царински правилници, кои ќе ги стимулираат нашите производители да рециклираат. Нашите студенти имаа ревија чија тема беше рециклирањето, тема која мора постојано да биде актуелна и во медиумите. На тој начин, секој ќе се запраша колку облека навистина му треба, дали е подобро да се купат три неквалитетни маички или една добра. На тој начин ќе се стимулираат и домашните дизајнери.

Има ли во Македонија пазар на дизајн?

Има. Ако се спореди модната сцена од деведесеттите години и сега, има големи разлики. Модната сцена е далеку од совршена, но има многу повеќе дизајнерски имиња. Има школи за дизајн, етаблирани дизајнери со сопствен стил, а и потрошувачите имаат повисока свест и модна култура.

Модата, дизајнот и материјалите се подложни на иновации, тоа е тема и во светски рамки. Колку тие работи одат заедно?

Пред 15 години во Париз гледав изложба на студенти од Холандија кои презентираа 3Д печатени чевли. Врвот на технологијата во модата е во скандинавските земји. На пример, дизајните на Ирис ван Херпен (Iris van Herpen) се технолошки чуда. Колку и да сакаме нашите дизајнери да се во чекор, ние немаме пристап до таа технологија. На ТМФ имаме лаборатории каде би можеле да развиваме интердисциплинарна соработка меѓу студентите и младите научници. Дали професорите ќе иницираат или студентите ќе побараат, треба да се размисли, но веќе гледам една иницијатива на повидок. Соработката со индустријата е лизгав терен, бидејќи нашиот индустријалец го интересира само профитот, иако УСАИД уште одамна инсистираше на креирање на локален бренд, а не само на лон производство. Лон значи зависност од странските клиенти, додека сопствениот локален бренд иако има повеќе ризици, може да обезбеди опстанок. За тоа да биде успешно, еден од клучните фактори е индустријата повеќе да ги почитува креативците.

Сподели!
- Advertisement -