ФИТР поинтензивно ќе ја вклучува науката во развој на македонски иновации! 

- Advertisement -

Интервју со Фестим Халили, директор на Фондот за иновации и технолошки развој. Човек кој доаѓа од академската заедница, со голем сенс за важноста на истражувањата и иновациите во економскиот развој на земјавата. Дополнителен предизвик за него е мотивацијата на младите да влезат во претприемнички и иновациски води, како најсигурна карта да не заминат од земјава!

Новинар- Верица Јорданова

Која е лично вашата цел и визија за Фондот за иновации и технолошки развој?

- Advertisement -

Нескромно ќе кажам дека Фондот е лидер-институција во нашата земја за поддршка на мали, микро и средни претпријатија и ќе продолжиме да го оправдуваме тој епитет преку зголемување на можностите за компаниите. Свесни сме дека во периодов на глобална економска криза ќе се соочиме со повеќе предизвици, но верувам дека со мојот тим успешно ќе ги надминеме. Во фокус ни е изготвувањето на Првата стратегија за вештачка интелигенција во државата на која работиме како и изготвување на Законот за иновациска дејност. Преку инструментите за поддршка ќе се потрудиме да ги опфатиме компаниите кои имаат квалитетни проекти, односно придонесуваат за општеството и државата. И годинава се во план јавните повици за технолошки развој, Стартапувај 4, Комерцијализација на иновации, инвестиции во акцелератори итн. Но, наша цел е и да ги зајакнеме односите и партнерствата, особено со Светска банка, УНДП и Амбасадата на Република Швајцарија во Северна Македонија. Со сите нив веќе имавме средби и направивме  контури за идната заедничка соработка.  

Дали тоа значи дека остануваат сите досегашни инструменти на Фондот или можеби ќе има некаква промена?

- Advertisement -

Се стремиме и следиме што е актуелно во државата и што се бара. Го истражуваме пазарот и според тие анализи ќе имаме и тематски предизвици. На пример, од областа на вештачка интелигенција досега поддржавме седум компании, а една од нив – Кодвел во моментов работи на креирање на првиот AI (artificial intelligence) дигитален асистент за државна помош во регионот. Истиот ќе се користи за потребите на програмите за државна помош, а ќе се имплементира во ФИТР, во Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони.

Фондот продолжува да работи и на инвестиции во иновациска инфраструктура, дигитални и иновациски хабови, лаборатории, акцелератори и нови менторски програми. Значи, нашата цел не е само да ги финансираме компаниите, туку да бидеме ентитет што ги обучува компаниите и што ги менторира овие програми. Во рамките на секој јавен повик имаме и инфо сесии во различни градови, преку кои ги информираме потенцијалните апликанти кои што се заинтересирани за нашите повици и програми.

- Advertisement -

Во своето портфолио ФИТР досега има поддржано над 780 проекти со инвестиција од околу 87 милиони евра, од кои 50 милиони евра биле поддршка од Фондот, а другиот дел кофинансирање од самите компании. Важен е и фактот дека дури 56%, односно 392 поддржани компании се стартап компании претежно основани од млади луѓе.

Годинава сакаме да поттикнеме и повеќе истражување. Во склоп на Фондот сакаме да основаме истражувачки центар, преку кој посилно ќе се поврземе со академската заедница која ќе ги истражува т.н. hot topics, односно темите што се најактуелни. Да речеме, енергетска ефикасност бидејќи знаеме дека сега во државата имаме енергетска криза. Таа идеја ја споделив и со амбасадорот на Швајцарија да ни помогне во поврзување со ETH универзитетот во Цирих кој е еден од најдобрите универзитети во светот. Идејата е да направиме еден мост на комуникација со нив и заеднички тимови да истражуваат одредени теми. Од тие истражувања ќе има резултати кои ќе може да се објавуваат во научни списанија, на конференции итн.

Кога велите истражувачки центар, мислите на физички простор?

Може да биде физички, но може да биде и виртуелен простор. Тие истражувачи веќе работат на универзитети, но нашата земја инвестира само 0,02% во истражување и развој. Затоа Фондот ќе се стреми да биде иницијатор за поголема вклученост на професорите, универзитетите и студентите. Знаеме дека на европските и на американските универзитети има програми и фондови за истражување во кои се вклучени студенти но и компании и институции што се заинтересирани да ги финансираат истите.

Ќе работиме и на поголема соработка со стопанските комори бидејќи имаат дата бази на компании и знаат што е потребно за пазарот. Тие ги детектираат најкритичните области кои би биле од државен интерес да се истражуваат.

Дали ќе го продолжите работењето на Стартап советот?

Како што веќе знаете Фонд за иновации и технолошки развој за првпат во земјава го формираше Стартап советот, со основна  цел да ја претставува стартап заедницата и да ги застапува нејзините интереси во процесот на креирање и носење на политики кои треба да придонесат за понатамошен раст и развој на македонскиот стартап екосистем.  Ние сме отворени за нови идеи и за размена на мислења и Советот секако ќе продолжи со својата работа. Спомнав дека во програмата на ФИТР за 2022 година е предвиден јавен повик за поддршка на стартапи и спиноф компании. Но, пред да ги објавиме повиците, сметам дека треба да има една јавна дебата за да видиме кои се приоритетите за нашата земја. Значи, да одредиме области ќе бидат приоритетни за развојот на државата.

Тоа е како на пример на универзитетите. Секоја година да се реакредитираат истите насоки како право и економија, а на пазарот да не е потребен таков кадар. Тогаш доаѓа до несовпаѓање на потребата и понудата. На пример, мислам дека во повиците треба да се воспостави област за енергетска ефикасност за да може да бидат вклучени повеќе стартапи што се занимаваат со таква дејност, за да понудат алтернативи за државата. Приоритет е и ИКТ областа бидејќи таму има многу промени и ние ќе треба да се движиме во ист правец со иновациите и со развојот на технологиите во светот.

Доаѓате од академскиот свет и работите со млади луѓе. Бадијала ќе бидат сите средства и програми ако младите немаат интерес за претприемништво и за технологија? Како да се поттикне тој интерес и младите да ни останат дома?

Мислам дека досега работата во државната администрација била како цел на студентите што дипломираат, но со новите можности сега почнуваат и студентите и дипломците да размислуваат поинаку. Гледаат дека има повеќе можности. Го имаме Фондот како институција што ги поддржува новите идеи на младите но има и други различни програми кои ги поддржуваат младите. Мислам дека сега младите почнаа да перципираат дека и во приватните компании и во претприемништвото имаат можност за успех, за самостојност и за повеќе креативност. Сметам дека сите главни институции во државата треба да имаат добра комуникација за да биде комплетиран целиот мозаик. Ако универзитетите не ги акредитираат програмите во склоп на тоа што и е потребно на државата тогаш и понатаму ќе немаме кадар којшто е потребен на пазарот. Универзитетите треба да дадат уште повеќе акцент на науката, на природните науки, на компјутерските науки. Исто така, ние го имаме и skill центарот во Future Skills Center, поддржан од Фондот и што функционира во склоп на Штуловиот универзитет. Центарот има одлична улога бидејќи изготвува програми за вештини на студенти или вработени што ги немаме ние на универзитетите или на пазарот. Затоа ги поканувам сите компании, сите институции да се заинтересираат, да аплицираат во сите тие акредитирани програми во Future Skills Center за да се обучат за наредните предизвици и за глобалните трендови.

Каква вредност треба да донесе новиот Законот за иновациска дејност? Што се ќе опфати?

Сметам дека има многу простор за измени во Законот за иновациска дејност бидејќи сегашната содржина е застарена и во одредени делови нефункционална. Има можности за креирање на нови инструменти за поддршка и јавни повици.

Исто така, би нагласил дека треба да се зацврсти процесот на селектирање на предлог-проекти кои ќе бидат поддржани преку воспоставување на алгоритам што ќе биде посигурен и верификуван. Тоа да ја зголеми довербата на граѓаните во Фондот.

Во тек ли е изработката на законот?

Законот беше повлечен од Министерството за образование и наука како и неколку други закони што се во склоп на Министерството. Се доби впечаток дека многу од ставките на Законот за иновациска дејност не се погрешни, туку се несоодветни со новите начини на работење и потребите на компаниите и сите засегнати страни. Јас комуницирав со Министерството и се сложивме дека треба да се вклучат повеќе експерти, од повеќе институции кои ќе можат да направат добар закон кој ќе се користи и ќе биде функционален во наредните години.

Сподели!
- Advertisement -