Meта: Селекцијата лани минорно зголемена. Најголем дел од отпадот завршува на депонија!

- Advertisement -

Селекцијата на отпадот останува неразрешлив проблем за македонските домаќинства и компании. И во 2021 година, најголем дел од комуналниот отпад што сме го создале, без било какво одвојување и фрлање во посебни контејнери, како измешано ѓубре завршило на депониите низ земјава. Според податоците од Државниот завод за статистика, дури 522.914 тони од собраното ѓубре по контејнерите е измешан комунален отпад којшто завршил на депониите, пишува „Мета“.

Процентуално, дури 82,7 отсто од собраниот отпад е всушност измешан комунален отпад, којшто не поминал низ процес на селекција. Хартија, пластика, метал, органски отпад, стакло и други отпадни материи завршуваат заедно во контејнерите, од каде општинските јавни претпријатија го собираат за да го однесат на депонија.

- Advertisement -

Споредено со претходните години, свесноста за селекцијата на отпадот, заедно со напорите кои доаѓаат првенствено од невладиниот сектор и дел од компаниите, доведуваат до постепено, но бавно зголемување на процентот на селектиран отпад. Лани во споредба со 2020 година се намалил за 0,7 отсто процентот на измешан комунален отпад, а зголемување на процентот на селекција е забележано кај органскиот отпад (од 6,3 на 6,6 отсто), пластика (од 1,8 на 2 отсто), хартија (од 1,7 на 1,9 отсто), стакло (од 0,5 на 0,6 отсто), додека намалување е забележано кај селектираниот текстилен отпад (од 1,6 на 1,4 отсто).

Изразено во тони, во 2021 година се селектирани 41.687 тони органски отпад, 12.871 тон пластика, 12.263 тони хартија, 8.737 тони текстилен отпад, 3.713 тони стакло, 2.241 тон метал и 1.598 тони гума. Во категоријата останат собран отпад од јавните комунални претпријатија, влегуваат 26.063 тони, за кои се нема податок дали е селектиран или не.

- Advertisement -

Споредено со статистичките податоци од пред пет години, процентот на измешан комунален отпад собран во земјава е намален од 87,2 отсто во 2017 година на 82,7 отсто, односно за 4,5 отсто е зголемен процентот на ѓубрето коешто се селектира. Иако е придвижување нанапред, ова сепак е пребавно движење на земјава кон современ третман на отпадот според стандардите на ЕУ.

Забележително е дека во Скопскиот регион се собира најголемото количество на комунален отпад во земјава, а лани ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје успеала да селектира единствено 0,32 отсто од вкупниот собран отпад во главниот град. Овој процентуален удел е далеку помал од националниот процент на селектиран отпад којшто деновиве го објави Државниот завод за статистика.

Сподели!
- Advertisement -