Промовираме инвестиции во вредност од 10 милиони евра во Брако“, а вкупно 22 милиони евра заедно во сите придружни компании. Горди сме што голем дел од тие средства се инвестираа во машини, а само 30 отсто во хали. Се купуваше интензивно нова технологија, тоа што е најсовременото во светот, за да се постигне најголема продуктивност. Треба да имате технологија и да имате know-how. Енергетската криза или финансиската, се обидовме да ја ублажиме со инсталирање на фотоволтаици на халите во ’Брако’ и ќе продолжиме во тој правец како и со купување на нова технологија.
Денеска сме тука заради три поводи. Првиот е да ја пуштиме во работа и да ја претставиме најновата линија за поцинкувана жица која што е единствена и прва во Европа, американска технологија произведена во Шпанија и ова е прва инсталација на европско тло. Комплетно еколошки, без загадување, без киселини, без мазут, без водород и азот. Со ова речиси двојно го зголемивме капацитетот од постојни 400 тона месечно, на 700 тона месечно, а додаваме уште шест нови линии и тоа производство ќе биде 1.500 тона месечно поцинкувана жица.
Старата хала комплетно ја реновиравме, инсталиравме машини за производство на федер жица за душеци. И третата , на која што сум посебно горд, тоа е градба на комплетно нова хала за ’Грин машинс’ каде што ќе се произведуваат најновите модели од возила што е најголема придобивка од целиот овој развоен циклус. Двојно ќе се зголеми капацитетот на производство на возила и таму ќе се произведуваат, од цртеж до готов производ во рамките на оваа фабрика“, изјави Кочо Анѓушев, извршен директор и претседател на Управниот одбор на „Брако“, по повод новите инвестиции во велешката компанија во износ од 10 милиони евра.
Тој додаде дека новите инвестиции во „Брако“ значат нулта емисија на ЦО2, за четири пати зголемено производство со врвен квалитет, без опасни хемикалии, без испарувања и отпад. Станува збор за нова, американско-шпанска технологија која е за прв пат направена во Америка, а во Европа ова е прва технологија од овој вид.