Меѓународниот монетарен фонд денеска на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, соопшти дека глобалната економија ја чека „можеби најголемиот тест од Втората светска војна“.
„Се соочивме со низа немили настани“, изјави извршната директорка на ММФ Кристалина Георгиева.
Таа предупреди дека руската инвазија на Украина ги потенцира негативните ефекти на пандемијата на Ковид-19 врз економијата, попречувајќи го економското закрепнување и поттикнувајќи ја инфлацијата заедно со зголемувањето на цените на храната и горивото, пишува Си-Ен-Ен.
Земјите се оптоварени и со зголемување на каматните стапки, а бизнисите и домаќинствата треба да се справат со големи долгови. Пазарните турбуленции и постојаните ограничувања на синџирот на снабдување се исто така ризик. Покрај тоа, климатските промени се проблем.
За да се намали стресот врз економијата, ММФ на состанок повика владини претставници и бизнис лидери во Давос на разговори за намалување на трговските бариери.
Додека многу земји се борат со зголемените трошоци за живот за своите граѓани, некои одат во спротивна насока и воведуваат ограничувања во трговијата со храна и земјоделски производи што би можеле да го влошат недостигот и да ги зголемат цените на глобално ниво.
Претходно овој месец, одлуката на Индија да го забрани извозот на пченица доведе до зголемување на цените на житото, иако таа е релативно мал извозник. Индонезија го забрани најголемиот дел од извозот на палмово масло во април за да ги заштити домашните резерви, но има намера да ја укине забраната оваа недела.
(MakFax)
(фото: Pixabay)