Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот заедно со 13 македонски компании од автомобилскиот сектор учествуваат на регионалниот автомобилски саем „Expocity Tirana” што викендов се одржува во Тирана.
Саемот вчера официјално го отвори премиерот на Албанија Еди Рама, а на свеченото отворање беа присутни и претседателот на Косовската Бизнис Алијанса, Агим Шахини и албанската министерка за претприемништво Едона Билали. Обраќање имаше и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Беким Емини.
Овој настан, кој првпат се организира во Албанија, е во организација на државното Министерство за заштита на претприемништвото во соработка со Генералниот директорат за услуги за патен транспорт и Министерството за инфраструктура и енергетика на Албанија.
За време на саемот компаниите имаат можност да се промовираат и преку низата договорени состаноци да изградат мостови за идна соработка и инвестиции. Во рамките на саемот изложени се и олд тајмери, како и најновите со модерни технологии.