Германската авиокомпанија Луфтханза откажа дополнителни 2.200 летови од центрите во Франкфурт и Минхен следниот месец, нагласувајќи го недостигот на работна сила поради поголем број заразени со Ковид 19, пренесува ДПА.
„На прво место ќе бидат откажани домашните германски и интраевропските летови, но не и оние до класичните дестинации за одмор, кои се добро исполнети во текот на сезоната“, велат од компанијата, додавајќи дека тие би можеле да го променат и распоредот на летови.
„Дополнително бевме оптоварени од штрајкови на контролорите на летање, временските услови и, особено, поголемиот број работници заразени со Ковид 19“, објаснува Луфтханза.
Патниците ќе бидат веднаш известени за откажаниот лет и ќе добијат, доколку е можно, резервации за други соодветни летови. Летовите во Германија до главните аеродроми може да се заменат со железница, додаде Луфтханза.
А член на групацијата Луфтханза, Брисел ерлајнс, откажа повеќе од 300 летови овие денови поради тридневниот штрајк на пилотите и кабинскиот екипаж што започна во четвртокот. Работниците се спротивставуваат на прекумерната работа и на влошените работни услови.
Штрајкот на главниот аеродром во Брисел и помалиот објект во Брисел Јужна Шарлроа предизвика проблеми за десетици илјади патници, забележува агенцијата ДПА.
Извор – Денар