Германската фармацевтска компанија „Гересхајмер“ отвора нова фабрика во ТИРЗ „Скопје 2“, во која ќе вложи над 126 милиони евра, што претставува рекорден износ на инвестиција од основањето на технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ).
Одлуката за инвестицијата на компанијата ја соопшти потпретседателот на „Гересхајмер“, Оливер Бургел, на средбата со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
Ковачевски искажа задоволство од одлуката на компанијата „Гересхајмер“ да инвестира во Северна Македонија, што е потврда за владините економски политики и позитивната инвестициска клима во земјата. Дополнително, премиерот Ковачевски истакна дека новите инвестиции и вработувања во услови на светска криза се од голема важност за подобрување на стандардот на граѓаните и економскиот развој.
Премиерот Ковачевски ја истакна важноста на германските инвеститори во земјата, како и рекордно зголемената трговската размена меѓу Северна Македонија и Германија.
На состанокот потпретседателот на „Гересхајмер“, Бургел, истакна дека Северна Македонија има одлична клима за водење бизнис. Пристапот до квалитетна инфраструктура, соодветна квалификувана работна сила и добрите пракси на работење биле клучни за одлуката за оваа голема инвестиција, нагласија од менаџментот на компанијата „Гересхајмер“.
Во новата фабрика на фармацевтскиот гигант „Гересхајмер“ со високонапредна технологија ќе се произведуваат специјализирани производи од медицинско стакло и шприцови за вакцини и сл. Планирано е отворање над 180 нови работни места со просечна плата двојно над државниот просек. Почетокот на градбата се планира во третиот квартал од 2022 година, а сериското производство треба да почне во 2024 година.
„Гересхајмер“ во ТИРЗ 2 веќе го реализира првиот проект за производство на технолошки продукти за фармацевтската индустрија. Првичната инвестиција од 25 милиони е веќе зголемена на над 60 милиони евра.
(Meta.mk)
(фото: Gerresheimer)