Од Град Скопје известуваат дека од утре, 26 август, на веб-страната на Општината, ќе бидат објавени два јавни повика за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипеди во 2022 година, како и за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување електрични тротинети во 2022 година, на кои граѓаните ќе можат да аплицираат.
Оттаму истакнуваат дека целта на повиците е подобрување на квалитетот на животната средина, односно подобрување на квалитетот на воздухот во градот Скопје и унапредување на здравјето на луѓето, преку стимулирање на скопјани за користење велосипеди и електрични тротинети, со што би се намалило загадувањето предизвикано од сообраќајот.
„Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира за велосипеди се во износ од 50% од вредноста на еден велосипед, но не повеќе од 4.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. За електричните тротинети, средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 30% од вредноста на еден тротинет, но не повеќе од 8.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход“, се вели во соопштението.
Подетални информации за правото на учество на јавните повици, условите коишто треба да ги исполни барателот, начинот на пријавување, начинот на спроведување на повиците, како и начинот на остварување на правото на надоместок граѓаните ќе можат да добијат на веб страната на Град Скопје www.skopje.gov.mk.
Покрај информациите, граѓаните од утре на интернет страницата на Градот Скопје ќе можат да го симнат образецот за Барање за субвенција за купување, како и образецот Изјава, која треба да се завери на нотар.