Oфицијално пуштен гасниот интерконектор Грција-Бугарија

- Advertisement -

На свечена церемонија во Националната палата на културата во Софија во присуство на лидери од балканскиот регион, ЕУ и Азербејџан, вчера официјално во комерцијална употреба беше пуштен гасниот интерконектор Грција – Бугарија (ИГБ), со кој мрежата за пренос на гас на Грција кај градот Комотини се поврзува со бугарската преносна мрежа близу Стара Загора, со што се обезбедува диверзификација, не само на рутите, туку и на изворите на природен гас за регионот на Балканот.

Интерконекторот е со вкупна должина од 182 километри, од кои 140 километри се на бугарска територија и ги поврзува системите за пренос на гас на Бугарија и Грција, вклучувајќи го и Трансјадранскиот гасовод, преку кој се пренесува гас од Азербејџан до Италија.

- Advertisement -

ИГБ има и дополнително значење за земјава, бидејќи ќе овозможи пристап и до складиштето за природен гас во Чирен во Бугарија, преку кој може да набавуваме течен пророден гас (ЛНГ) од терминалот во грчкиот град Александруполис со што се добива можност за набавка на енергенсот од Азербејџан. Дополнително, во текот на летото, кога гасот е поевтин, земјава ќе може да го складира енергенсот во Бугарија и потоа да го користи на зима. Со ваквата диверзификацијата на гасните извори, се обезбедува сигурност во снабдувањето со природен гас за земјава на среден и долг рок, како и одлична можност за зголемување на перформансите на домашната економија, која може да биде конкурентна со државите од регионот.

Претседателот Стево Пендаровски, кој присуствуваше на церемонијата на пуштање во употреба на ИГБ во Софија, оцени дека овој настан е особено значен, бидејќи отвора нова сигурна порта за диверзифициран природен гас за Југоисточна Европа во момент на повеќекратни кризи кои меѓусебно се засилуваат и кога регионот и европскиот континент во целина се соочуваат со изгледите за тешка зима.

- Advertisement -

– Јасно е, колку сме повеќе меѓусебно поврзани, толку поотпорни ќе бидеме на енергетските предизвици од секаков вид. За да обезбеди одржлив развој и да ги задоволи потребите на бизнисите и домаќинствата, Северна Македонија мора да стане дел од оваа мрежа за природен гас. Оттука, подготвени сме да ги направиме сите неопходни чекори во таа насока, потенцира Пендаровски, додавајќи дека за да се постигне сето ова во поширока перспектива, заедно со посилна регионална соработка, итно е потребна и поголема европска солидарност.

Сподели!
- Advertisement -