„Процесот на дигитална трансформација на финансиската индустрија, којшто се одвива повеќе години, значително забрза заради пандемијата. Плаќањата сè повеќе стануваат безготовински. Според Светската банка, во глобални рамки, две третини од возрасното население врши дигитални плаќања, притоа 95% во развиените економии, а 57% во економиите во развој. Трендот на сè поголема дигитализација е присутен и кај нас, поточно 74% од возрасните вршат дигитални плаќања. Анкетата на Народната банка покажува дека нашиот банкарски систем посветува сè поголемо внимание на инвестирањето во нови технологии и обезбедувањето нови начини на плаќање”, посочи гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на отворањето на Конференцијата за плаќањата и пазарна инфраструктура којашто започна денеска во виртуелен формат.
Меѓународната конференција, којашто по четиринаесетти пат ја организира Народната банка со поддршка на Централната банка на Холандија, низ годините, прерасна во платформа на која се разменуваат искуства за најновите развојни трендови во неколку области на дигитализацијата. Годинава, конференцијата под наслов „Просперитетна иднина на дигиталните плаќања” ги опфаќа предизвиците и можностите за дигитални плаќања и иновациите коишто ја зголемуваат конкуренцијата во платните системи и нови форми на банкарско работење со примена на отворено банкарство, но истовремено создаваат и потреба за повисоко ниво на безбедност на плаќањата и заштита на податоците, како и зајакната проверка на податоците на клиентите. Ќе стане збор и за дигиталната валута на централните банки, што според најновото истражување на Банката за меѓународни порамнувања, е иднината во работењето на централните банки ширум светот на краток или среден рок.
Осврнувајќи се на експлозивниот раст на дигиталните технологии ширум светот, гувернерката Ангеловска-Бежоска ги истакна заложбите на Народната банка за поставување на темелот за побрзо продирање на иновациите во финансиите. Го посочи значењето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи со кој е создадена регулативна рамка за поттикнување поголема конкуренција и поширок спектар на платежни услуги за граѓаните и компаниите, Портата за иновации создадена во 2019 година којашто е платформа за дијалог со финтек-секторот, како и првата национална Стратегија за финтек-секторот којашто наскоро ќе биде донесена. Притоа, укажа и на важноста на среднорочниот проект на Народната банка за истражување на придобивките што може да ги донесе дигиталната валута за македонскиот платен систем и пошироко за целокупната економија, но и за ризиците што може да ги наметне за финансиската стабилност и монетарната политика.
Говорејќи за новата индустриска револуција за која најмногу придонесува технолошкиот напредок, со која се соочуваат финансиските институции и централните банки, гувернерката на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ, истакна: „Овој напредок донесе бројни придобивки за човештвото. Како што одминуваат годините, се појавуваат нови теми, се постигнуваат нови успеси, а платежните услуги и мрежата на пазарни инфраструктури стануваат сè пософистицирани. Ова ни кажува, на мое задоволство, дека ние како општество се развиваме. Да бидеме вредни и креативни, меѓусебно да си помагаме и да работиме на заеднички интерес и меѓусебна соработка и хармонија. Ништо не е невозможно за оние кои работат неуморно и посветено. Инспирирана од името на автопатот на организаторот, посакувам сите ние секогаш да одиме по патиштата на пријателството”.
На неопходната соработка во иднината на дигиталните плаќања се осврна директорката на Секторот за плаќање и пазарна инфраструктура во Банката на Холандија, Инге ван Дијк, додавајќи: „Она што нè обединува и за што треба да се залагаме заедно додека се движиме кон просперитетна иднина за дигитални плаќања е одржувањето силна и безбедна инфраструктура за плаќање во услови на поголема дигитална зависност.” Говорејќи за улогата на централните банки, нагласува: „Мора да обезбедиме пристап до плаќања во сè подигитален свет и конечно, треба да ги зајакнеме европските и глобалните плаќања во динамично меѓународно поле”.
Конференцијата денеска продолжува со попладневна панел-дискусија на еминентни стручњаци од Меѓународниот монетарен фонд, Европската комисија, Европската централна банка и Народната банка, наменета за предизвиците и можностите на глобалниот бран во користењето на дигиталните плаќања.