Саудиска Арабија ќе биде домаќин на Зимските азиски игри во 2029 година, а игрите ќе се одржат во пустина и тоа во град кој уште не е изграден.
Зимските азиски игри се одржуваат од 1986 година досега, а биле одржани во Јапонија, Кина, Јужна Кореја и во Казахстан, земји каде што има идеални услови за зимски спортови.
Предвидено е овие игри да се одржат во мега-град кој допрва ќе биде изграден и ќе чини околу 500 милијарди долари. Како што е наведено, во рамките на градот ќе постои можност за зимски спортови во текот на целата година.
“Пустините и планините на Саудиска Арабија наскоро ќе бидат игралиште за зимски спортови” се вели во соопштението од Олимпискиот совет на Азија за одлуката која била донесена а состанок на генералното собрание во Пном Пен. Понудата на Саудиска Арабија била едногласно прифатена, со напомена дека градот познат како NEOM ќе биде првиот западноазиски град кој ќе има привилегија да организира таков настан.
Зимските азиски игри би требало да се одржат во Тројена, област на NEOM каде што зимските температури паѓаат под 0 степени Целзиусови, а го текот на целата година се во просек 10 степени пониски од остатокот од регионот.
“Тројена ќе биде местото кое ќе ги редефинира планинскиот туризам и еко-туризмот за целиот свет, заедно со нашите напори да ја заштитиме природата и да го подобриме квалитетот на животот го заедниците” изјави принцот Мухамед Бин Салман, кој воедно е претседател на одборот на NEOM.
Покрај градот се наоѓа планински масив на кој Бин Салман планира да го направи ски центарот Тројена, каде што стазите ќе бидат покриени со вештачки снег и ќе бидат отворени цела година.
(Bizlife)