Балкански економски форум ќе се одржи денеска во Скопје, со дебати за состојбите, перспективите и политиките на економскиот развој на регионот.
Учесниците ќе дебатираат за „Регионална економска соработка – мит или реалност?“, „Балкански енергетски изгледи за побрза енергетска транзиција“, „Финансирање развој и регионална соработка“, „Обновување и усовршување на балканската работна сила“…
Според најавата од организаторот, на форумот ќе се обратат премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, евроамбасадорот Дејвид Гир, австрискиот амбасадор во државава Георг Вуцас, а со видео обраќања еврокомесарот задолжен за проширување Оливер Вархеи и Дубравка Шуица, потпретседателка на Европската Комисија.
Во форумскиот дел ќе се одржат 5 панели, а помеѓу панелистите се и Емир Џикиќ (директор на ЦЕФТА секретаријатот), Гржегож Зиелински (Head of Energy Europe, EBRD), Анте Бабиќ (Европска Комисија, ДГ Енер), Милош Младеновиќ (SEE Power Exchange), Сандра Шваљек (заменик гувернер на Хрватската народна банка), Херјола Спахиу (НОА Албанија), Сузана Кирали (Централно европска иницијатива – ЦЕИ), заедно со истакнати домашни експерти, претставници на реалниот сектор и повеќе претставници од специјализирани економски образовни институции.