Стартапот Joipaw развива посебен хардвер и игри наменети за кучиња. Засега работат на две игри кои може да се играат на посебен екран осетлив на допир, кој е отпорен на лиги. Во една од игрите кучињата мора со муцката да допрат крт кој се појавува од различни дупки, а во другата мора да допрат фотографија на која се наоѓаат повеќе меурчиња. Кога кучињата ќе успеат во тоа, тогаш добиваат некакви награди.
Ако мислите дека овие игри ќе ги направат кучињата зависни од игрите и ќе заборават на тркалањето по под или кревет, од компанијата велат дека тоа сигурно нема да се случи. Соосновачот на стартапот Дерсим Авдар, кој самиот има куче, дошол на идеја за игрите поради своето куче, кое е прилично активно и не може да го добие целото внимание кое го бара.
Притоа, нагласува дека игрите не се замена за времето кое треба сопствениците да го поминуваат со кучето, туку за да им се задржи вниманието одредено време. Авдар вели и дека игрите може да имаат и одредени предности и здравствени бенефити. Имено, се повикуваат на една студија која европски научници ја направиле пред пет години и која покажала дека играњето игри може да ма когнитивни предности за постарите кучиња.
Најголем предизвик кај ваквите игри е како да се натераат кучињата да ги играат. Затоа на почеток на екранот им ставаат путер од кикиритки, но проблемот е како да се наговорат да ги играат игрите и да бараат кртови по екранот кога повеќе нема на него да има путер. Кога ќе успеат во тоа, Авдар тоа го нарекува магичен момент.
Научникот Клара Манцини, која ја проучува интеракцијата меѓу компјутерите и животните, вели дека истражувањата за игрите за кучиња се уште во рана фаза, но доста ветуваат. Таа смета дека ваквите игри се многу подобри за кучињата во однос на другите играчки затоа што се направени со тек на време да стануваат се потешки. Таа се надева дека технологијата ќе им помогне на кучињата кои имаат деменција, односно на кучињата кои се во засолништа за кучиња и се помалку активни, но нагласува дека треба да се направат уште доста истражувања.
(Zimo)
(фото: Flickr)