Кина воведува строги правила за мултимедиумските содржини креирани од вештачка интелигенција

- Advertisement -

Кина воведе нови правила кои се однесуваат на медиумските содржини кои се создадени со помош на вештачка интелигенција. Така, Кибернетичката администрација на Кина (CAC) забрани создавање медиумски содржини со помош на вештачка интелигенција, ако тие содржини не се јасно означени.

Новите алатки со вештачка интелигенција им овозможуваат на поединци да создаваат лажни (deepfake) видеоснимки и фотографии, кои би можеле јавноста да ја доведат во заблуда и да предизвикаат несакани последици за кинеската влада.

- Advertisement -

Ваквата забрана е возможна во Кина затоа што таму речиси нема приватност на интернет. Луѓето кои сакаат да бидат корисници на интернет или на какви било интернет сервиси мора да се пријават со име и презиме или со телефонски број, кој, пак, е регистриран во државната база. На тој начин властите многу брзо и ефикасно можат да детектираат кој објавил несоодветни содржини.

CAC уште во 2019 година забрани објава и дистрибуција на лажни вести направени со помош на вештачка интелигенција. Новите правила веројатно се одговор на се поголемиот број вештачки создадени фотографии, тестови, па дури и музика.

- Advertisement -

Deepfake, односно лажните видеа веќе предизвикаа немир во светот. На почетокот на годината лажното видео на украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика Украинците да го предадат своето оружје кога почна руската агресија во земјата.

Според новите кинески правила, кога за машинско учење се користат податоци кои содржат лични информации, тој што ја користи таа технологија мора да ги почитува кинеските закони за заштита на информации. Исто така, интернет платформите задолжително мора да ги потсетат корисниците да добијат согласност од луѓето чие лице или глас го менуваат со користење на вештачка интелигенција. Покрај тоа, медиумските содржини кои се создадени со помош на вештачка интелигенција мора да имаат ознака, на јасно видливо место, дека станува збор за содржини кои се создадени од машина, односно алгоритам.

- Advertisement -

Корисниците кои нема да ги почитуваат тие правила ќе бидат казнети.

(Tech Crunch)

(фото: Pxhere)

Сподели!
- Advertisement -