Христијан Ковачески од струшки „Унипласт“ го произведува првиот македонски електричен чамец со фотоволтаичен панел

- Advertisement -

Иднината на наутиката е во електрификацијата на пловилата вели Христијан Ковачески, еден од сопственците на семејната компанија „Унипласт“ од Струга. Оваа компанија има долгогодишна традиција на дизајн и производство на пластични чамци, а сега развиваат и еколошки, електричен модел.

Ковачески вели дека „Унипласт“ е секогаш во чекор со новите трендови во технологијата и барањата на клиентите на странските пазари, но во моментов работат на дизајн на пловило кое ќе обезбедува енергија со фотоволтаични панели и кое ќе може да се користи и во Македонија.

- Advertisement -

Разговараше- Верица Јорданова

Г-дин Ковачески, кажете ни што точно работи компанијата „Унипласт“?

- Advertisement -

Унипласт е семејна компанија за производство и развој на производи од полиестер, за автомобилска индустрија и во наутика. Нашиот најнов производ е електричен чамец, и веќе работиме на едно решение во Италија. Идејата за производство на електрични чамци во нашата компанија почнува уште во 2011 година. „Унипласт“ како компанија ја има техничката подготвеност и капацитетот да направи вакво пловило, но нашите производи за жал не можат да се користат во Македонија заради тоа што немаме инфраструктура. Иако полначите и за пловилата се исти како и тие за возилата, кај нас нема ниту еден кој е лоциран во близина на вода, за да може да се користи и за електрични чамци.

Заради тоа во моментов развиваме еден концепт, каде со помош на фотоволтаични панели за полнење на батеријата ќе обезбедиме подолга пловидба. Работиме на избор на батерии од најдобар квалитет, капацитет и цена кои ќе треба да се склопат со панелот и контролерот за да добиеме поголема автономија на чамецот.

- Advertisement -

Во која фаза е развојот на електричниот чамец на „Унипласт“?

Развиваме нов тип на чамец кој ќе има доволно простор да ги прими батериите, во посебен дел заштитен од вода. Истовремено со работата на батериите и фотоволтаиците, кои се во почетна фаза на тестирање, се работи и на дизајнот на новиот чамец за да може тие да се вкопат во новиот продукт. Идејата е со сите тие елементи овој чамец да може да се користи и кај нас, во нашите актуелни услови. Во оваа насока соработуваме со неколку фирми од Италија и Холандија и со домашни експерти. Продуктот кој пред се е наменет за странските пазари, е веќе подготвен и се извезува во овие две земји, каде со помош на нивната инфраструктура лесно може да се трасформира во електричен. Концептот за целосно електричен чамец би бил подготвен за 12 до 18 месеци.

Какви типови пловила произведувате во моментов?

Имаме шест модели чамци од Ц категорија и сме единствена компанија во земјава која се занимава со ваков тип на производство на комплетен продукт со целата опрема. Извезуваме во неколку земји, Холандија, Италија, Бугарија, Хрватска и Србија. Производниот капацитет ни е од 60 до 80 чамци годишно. Сега имаме нов договор со Холандија за производство и извоз на 200 чамци годишно, заради што ќе мораме да ги зголемиме нашите капацитети. Во моментов работиме на регрутација, тренинг и обука на вработени, за да можеме да го реализираме тој извоз.

Како една семејна компанија како „Унипласт“ дојде до идејата да влезе во овој пазарен сегмент, со оглед на тоа што Македонија нема традиција за пловење?

Струга е град на вода, па еден дел од движењето се одвива и со пловила. Најголемиот дел се увозни, па тука ја видовме нашата шанса. Првиот извоз на чамци беше уште во 2005 година и од тогаш континуирано работиме на тоа поле. На македонскиот пазар не сме многу присутни бидејќи сме насочени на соработка со бизниси, а не со индивидуални клиенти. Во текот на пандемијата со Ковид 19, работевме и локално, но капацитетот на нашиот пазар за нови чамци е многу ограничен, што значи дека нашето главно производство е наменето за странските пазари.

Зошто решивте да произведете и електричен чамец?

Тенденцијата на европските пазари е електрификација на пловилата. Ние како фирма која има долгорочни планови и која постои веќе 17 години на пазарот, го следиме овие трендови, собираме информации за потребите на нашите купувачи и така ги оформуваме нашите развојни планови. Истото важи и за развојот на најновите модели електрични чамци со фотоволтаик и батерија. Во европските земји водите се заштитуваат и користењето на традиционални мотори се забранува.

Во најголемиот дел од земјите ќе бидат дозволени само електричните пловила и едрилиците, што значи иднината на пазарот во наутиката е во електричните мотори.

Кои ви се очекувањата за иднината, кога овој продукт веќе ќе биде произведен?

Ние веќе еднаш произведуваме и извезувавме електричен чамец во Италија и Хрватска во 2011 година, а сега тој проект го рестартираме. Иницијална каписла беше проектот на ГИС EU for economic growth со кој ќе потпишеме договор и од каде ќе се финансира дел од развојот на новиот калап и новата технологија со која чамецот ќе биде 30 отсто полесен отколку оние произведени на традиционален начин. Со новата технологија ќе се заменат и материјалите кои ќе ги користиме и кои се добиваат од рециклирање на ПЕТ пластика. Како извозно ориентирана фирма мора да се прилагодиме на потребите на пазарот, клучно е да развиваме нови технологии, кои ќе допринесат за подобри перформанси на чамецот и поголема автономија и со кои ќе обезбедиме намалување на отпадот, а зголемување на капацитетот на производство.

Исто така, во план ни е да поставиме и фотоволтаици на кровот на производствениот капацитет, со што ќе обезбедиме чиста енергија за работа на машините кои ќе ги набавиме преку проектот.

Надвор од проектот планираме тестирање на природни материјали кои би го замениле стаклото што што сега го користиме. Испитуваме тканини од лен, кои во комбинација со био смола би се вклопиле во структурата на чамецот. Сега користиме ткаенини од стаклени влакна со различна грамажа, но сакаме да се движиме во насока на поприродни материјали. Планираме да ја испитуваме цврстината и флексибилноста на новите материјали. Планирана ни е и инсталација на роботи во производството и за тоа ќе побараме соработка со домашните факултети.

Сите овие инвестиции се дел од развојот и тестирањето на новиот продукт за да овозможиме на крајот од тој и да може да се рециклира. Сега чамците и глисерите се направени од полиестер за кој нема решение, ниту се рециклира, ниту се реупотребува.

Каква е побарувачката, со оглед на тоа што кризата со пандемијата премина во глобална економска и енергетска криза?

Во нашата производна гранка нема голема потрошувачка на енергија, бидејќи не работиме на термичка обработка на пластиката, туку со хемиски процес што не бара дополнителни енергенси. Секако, не е лесно и се зголемуваат трошоците, но финансиски гледано, кризата не претставува проблем за главното производство.

Сподели!
- Advertisement -