Компанијата Зум вчера ги објави плановите за отпуштање на околу 1.300 работници, или 15% од својата работна сила, според блог пост на веб-страницата на компанијата, јавува „Си-Ен-Би-Си“.
Извршниот директор Ерик Јуан во блог постот напиша дека додека светот продолжува да се прилагодува на животот по пандемијата со коронавирусот, компанијата треба да се прилагоди на „неизвесноста на глобалната економија“, како и на „нејзиниот ефект врз нашите клиенти“.
Зум доживеа огромен бум за време на пандемијата кога луѓето беа принудени да работат од дома и се свртеа кон софтверот за видео разговор за да останат во контакт со колегите, пријателите и семејството.
„Работевме неуморно и го направивме Зум подобар за нашите клиенти и корисници. Но, направивме и грешки. Не одвоивме толку време колку што ни требаше за темелно да ги анализираме нашите тимови или да процениме дали растеме одржливо, кон највисоките приоритети“, рече Јуан.
Јуан рече дека на вработените кои ќе бидат отпуштени ќе им се понуди плата до 16 недели и здравствена заштита. Извршниот директор, исто така, рече дека планира да ја намали сопствената плата за претстојната фискална година за 98%, а исто така дека се откажува и од корпоративниот бонус за 2023 година.
„Како извршен директор и основач на Зум, јас сум одговорен за овие грешки и активностите што ги преземаме денес – и сакам да покажам одговорност не само со зборови, туку и со моите постапки“, напиша Јуан во објавата.
Одлуката на Зум е последна во низата на отпуштање работници во големи технолошки компании. Во понеделникот Дел ги објави плановите за укинување на 6.650 работни места. Во јануари Гугл соопшти дека ќе отпушти 12.000 работници, Мајкрософт околу 10.000 работници, додека Сејлфорс околу 7.000 работници.
Извор – Радио МОФ