Мартин и Радмила ја отворија првата знаковна пицерија во Битола обучени од светски познатиот пица-мајстор Зоран Јовановски

- Advertisement -

„Мајсторот и Маргарита“ или „Мартин и неговата Радмила“ или „Мартин и неговата пица“ или конечно наполитанска пица во Битола 

„Следи ме читателу. Кој ти кажал дека не постои вистинска, вечна љубов? Следи ме читателу, само јас ќе ти ја покажам таквата љубов„ Михаил Булгаков | Мајсторот и Маргарита /

- Advertisement -

Кога е во прашање храна, за мене вистинска љубов е нејзиното височество ПИЦА. Јадење, кое секој мисли дека може да го направи, а ретко кој навистина успева. Кое може да биде ремек дело или уште еден од многуте смешни обиди. 

Јадење на вечните поделби на тимовите, тенка VS дебела, јадење за кое има најмногу експерти по глава на жител кај нас и предивизкува вжештени расправии…од типот: „Во Италија е пицата ужасна„ (од тоа јас паѓам во несвест), „ако можи кечап врз пицата„ (возиме на брза помош би рекла), „дали може мајонез или топче павлака врз пицата„ (на реанимација сум), или „сакам пица со ананас„ (помислувам дека во моментот умира еден Италијанeц).

- Advertisement -

Пред неколку години во една посета на Македонска Каменица го запознав случајно македонскиот доктор за пици, Зоран Јовановски, еден од најдобрите пица мајстори во Европа, кој има потекло од Македонија, а живее по светот. Тој е човекот кој својот занает и знаење го научил надвор од Македонија, но решил да го пренесе тука и ја отвара најпозната академија за пица мајстори кај нас – Accademia Pizzaioli Macedonia. 

Ова е академија која работи со лиценца на првото италијанско училиште за обука на пица мајстори во светот. Досега во неговата академија Зоран има обучено стотици пица мајстори не само од Македонија, туку и од Србија, Словенија, Австрија, Норвешка… Меѓу неговите ученици се најде и човекот кој е херој на нашето време, битолчанецот Мартин Ангелов кој заедно со својата Радмила Периќ, родена во Богданци се запознаваат во средно училиште во Скопје и така започнува нивната приказна.

- Advertisement -

Радмила и Мартин и двајцата се со оштетен слух. Јавноста ги запозна пред некоја година, кога го отворија првото знаковно кафуле во Скопје и докажаа дека ништо не би требало да биде пречка на секој еден што сака да си го оствари својот сон. 
Но, поради високи трошоци и потешкотиите кои ги донесе пандемијата, одлучија кафулето да го преселат во градот кој е познат по културата на пиење кафе, а воедно и роден град на Мартин, Битола. Па така кафетеријата “Улаф сте” лоцирана  покрај реката  Драгор,  на најпознатата калдрма од Старата битолска чаршија на Битола ѝ го донесе и првото и единствено знаковно кафуле во Македонија. 

И тоа е веќе историја. 

Мартин и Радмила станаа омилени кај битолчани кои со радост и вистинска поддршка своето кафе го пијат токму тука. Оштетениот слух кај двајцата не беше пречка за да развијат сопствен бизнис. И што е уште поважно, со овој потег од неодамна да отворат пицерија и тоа не вообичаена, туку вистинска наполи пица по рецептите и знаењето на легендарниот Зоран Јовановски е знак за тоа дека овие луѓе не се задоволуваат со просечност. 

Користат посебно италијанско брашно, нема адитиви од кои чувствувате тежина по јадењето на тесто, најквалитетни додавки набавени од Италија и најважното-професионална печка за пици.

“Улаф стe” не е локал со претенциозен индустриски дизајн од кој ни се смачи веќе, не е огромен локал во кој се губите, додека луѓето ги гледате или ве гледаат под око или „заблудани„ сте со поглед во вашиот телефон. Ова е место каде што имате бариера да разговарате со сопствениците, но тоа го буди кај вас чувството дека очите можат итекако да зборуваат, а  насмевките кои ќе ги добиете тука и ги возвраќаме, не се извештачени.

Или да се вратам на Булгаков, кој уште на старт на пишувањето на воведот ми се наметна, спонтано со неговиот Мајстор и Маргарита…”Јазикот може да ја сокрие вистината, очите никогаш”. За нивните почетоци со кафетеријата и за тоа да станат најдобри пицајоло, односно пица-мајстори во превод  во градот во интервјуто што следува.

новинарка | Љубица Ангелкова

Како се роди идејата за првото знаковно кафе?

На едно наше заедничко патување во Холандија, каде поминавме извесен временски период како волонтери, имавме шанса да живееме во Амстердам и да видиме како таму кафетериите се во суштина места за кафе култура. Ние многу почитуваме добро кафе, особено Мартин кој е навистина навлезен во суштината на правењето на тој напиток, кој не е само обично кафе. Тоа е една цела филозофија. Она што го видовме во Амстердам, ни беше сон да го направиме тука кај нас. Да имаме свое место кое ќе го слави доброто кафе, а луѓето ќе доаѓаат во простор кој е ненаметлив, а пријатен и ќе уживаат седејќи и пиејќи добро кафе, раскажува Радмила.

На тие патувања низ Европа се воодушевив кога видов луѓе со широки погледи.  Во Македонија немаше такво нешто. Глув претставник, со сопствен бизнис, немаше. Сакав да бидеме за пример. Сите да видат дека глуво лице може да се бави со бизнис.

Од тој почеток, до денес многу нешта се променаа. Кои лекции ги научивте низ работата.

3апочнавме со кафуле, некое време. Како дојде до промена? Па, видовме какви се условите. Ни дојде идеја да внесеме новина. Да нудиме квалитетно италијанско кафе и плус квалитетна италијанска пица, сѐ што вклучува италијанската култура.

“Немате шанса како глуви луѓе да се занимавате со бизнис“, е реченица која велите дека често ја добивавте како порака порано, но сепак покажавте и докажавте дека промените ги правиме самите ние, без себеограничување, а со љубов и истрајност сѐ се може.

-Ништо не би требало да му биде пречка на секој еден што сака да си го оствари својот сон. Ќе им порачаме на сите да веруваат во себе и во своите потенцијали, кога се сака, со љубов и истрајност, сѐ се може! Ние со нашите гости комуницираме на знаковен јазик. И не е невозможно. Со отварањето на кафетеријата а сега и со пицеријата ние покажавме дека е предизвик да покажеме дека промените ги правиме сами, без себеограничување.

Нашата идеја има и племенита цел, а тоа е да им се даде шанса на лицата со оштетен слух да работат, но и да ги научат другите по нешто за нивната комуникација и за нивниот тивок свет – раскажува Радмила.

Идејата, да се запишеte на Accademia Pizzaioli Macedonia на познатиот пица мајстор Зоран Јовановски се случи спонтано или со план?

На интернет најдовме реклама од Зоран. Се изненадивме кога од неговата веб-страница разбравме дека тој е познат, популарен мајстор и во Италија. Видовме кој е бројот за контакт. Се видовме преку видео-врска со толкувач на знаковен јазик. Се распрашавме во врска со условите, начинот на плаќање, планот за наставата, како може да се вклучиме на Академијата, колку дена трае и сл. Ги разгледавме условите и бевме вклучени ние тројца глуви заедно – Мартин, Радмила и Зоран. Прв пат во толку години беа вклучени и глуви лица во Академијата. Радосни сме и горди што имавме можност да стекнуваме знаење.

Што беше најтешко да се совлада?

Работата ја набљудувавме. Разбравме како оди процесот. Воопшто не беше тешко, беше супер и беше забавно учењето. Единствено проблем ни беше тестото, како да ги погодиме температурата и променливите временски услови. На почетокот тоа не збунуваше. Зоран не научи како да го совладавме и тој предизвик. Брашното кое се користи во Македонија е обично и ни беше познато од готвење дома, а ова брашно е со поинаков квалитет, со поинакви својства. Тоа не збунуваше.

Со Зоран Јовановски

Што беше најтешко во совладувањето на техниката?

На почетокот си мислевме да правиме пица е тешко. Кога се вклучивме во Академијата, стекнавме вештина и осет за работа. На почетокот сѐ ни беше ново, непознато. За неколку дена на Академијата влеговме во форма, стана полесно. Тестото и неговото создавање е магија-тука лежи мудроста на добра пица.

Зоран е во светскиот врв со она што го работи. Дали е човек кој открива тајни и дели знаење без задршка?

Не крие воопшто. Отворено ни кажува сѐ. Нè учи сè што треба да знаеме. Горд е што сме негови ученици. Нè бодри да одиме напред. Таков е Зоран. Благодарам дека ништо не крие од нас. Сè отворено ни објаснува, интересно и великодушно.

Како ја надминавте бариерата на комуникација со  Зоран?

Како комуницираме…

Прв пат кога се сретнавме беше предизвик. Побаравме толкувач. Сè јасно се разбравме. После одеше полесно. Зоран е човек што патувал по светот има отворен ум  и широки погледи, со знаци, мимика на лицето, се вклопивме. Очите зборуваат повеќе од јазикот. Од вториот, третиот ден веќе без проблем се разбираме. Ако нешто е подлабоко, нешто тешко – мора толкувач да повикаме.

Тој е личност со кој веќе сте пријатели, колку и денес помага да работите на брендот и на квалитетот на пицата?

Завршивме со обуката и сега како понатака…

На пример се случува нешто да не испадне како што треба. Правиме слика и му ја праќаме него. Тој веднаш ни одговара, ни објаснува, нè поучува. Преку видео-врска со знаци, мимика се труди да ни разјасни што и како се прави. Никогаш не е зафатен. Нè прифати како свои деца. Вели: „Вие сте мои ученици“. Нè бодри, нè учи, ни дава идеи, ни покажува како да постигнеме квалитет додека одиме напред. Ние заедно како екипа да стигнеме до првото место, златниот медал.

Учествувате заедно и на настани за вмрежување, зошто е тоа важно и што како иновација може да се примени во оваа професија, а и во техниката

Да, заедно патуваме. Однапред ни јавуваат за датумот да си планираме. Мартин беше сам, заедно со 3оран и други негови ученици, во Србија, Ниш. Имаше Балкански натпревар во готвење – подготовка на пица. Освоија повеќе пласмани. Мартин освои златен медал, прво место. Се радуваме. Минатиот месец, февруари, требаше да патуваме во Италија. Бевме спречени поради отварањето тука на нашата пицерија. Следната година планираме повторно да одиме на натпревари. Сакаме да учествуваме. Сакаме да напредуваме. Гордост ни е да бидеме претставници заедно со менторот и другите ученици. Благодарни сме што може да патуваме со таа екипа!

По што е оваа пица различна од она што го има кај нас од пица понуда?

Пицата што ние ја правиме е со врвен квалитет. Идентична со наполитанската. Користиме квалитетно брашно подготвено според италијанска технологија. И состојките кои ги употребуваме не се оние вообичаени, туку со квалитет кој го бара овој тип на оригинална пица. Ние сме единствени во Битола кои имаат ваква понуда на пици. Исто така, нашите продукти се лесни за дигестија. Не предизвикуваат надуеност, нити мачнотии после јадење. Тоа е мошне важно кај добрите познавачи на вистинска пица. Во Битола им многу пицерии по обични стандарди. Ние сакавме вистинска пица, со одличен квалитет.

Кој ви е најдраг коментар кој сте го добиле

Почнавме со достава на вкупно 10 врсти на пица. Едно семејство ги нарача сите 10.

Комуницираме по вибер-со пишување со нашите клиенти за достава.

Па добиваме секакви пораки:

“Сѐ изедовме за миг”

“Конечно вистинска пица во Битола”

„Прв пат во животот пробувам толку вкусна пица“.

Сакаме да искажеме и голема благодарност за нашите семејства, нашите пријатели…тие беа уште пред да започнеме наши најголеми поддржувачи. Не беше лесно, но ние бевме оптимисти дека можеме и сакаме. А кога ги имаш тие две определби, не можеш да не успееш.
Наидовме само на поддршка. На добри луѓе, луѓе кои не ги познаваме, но доаѓаат и ни честитаат. Има огромна радост кога работиме. Тоа се гледа и од наша страна, но и гостите кои доаѓаат, доаѓаат со намера да кажат дека се тука за поддршка. Преубаво е чувството

Што е она што ве прави среќни …..

Почнавме со пицеријата и не плашеше неуспех. Очекувавме критики, не знам зошто, но веројатно секој се плаши на старт. Кога добиваме позитивни пораки многу се радуваме. Ние нудиме квалитет и добиваме за возврат задоволни муштерии. Заедно се надополнуваме како тим, семејство, како луѓе.

За крај, откријте ни како се запознавте со Вашата Радмила.

Прв пат се сретнавме во средно школо во Скопје. Кога завршивме со школувањето започна нашата врска. Нашата љубов трае сè до сега, заедно сме веќе 14 години. Како функционираме? Па, си одговараме, се грижиме еден за друг, се надополнуваме, знаеме да се договараме… Едноставно речено ние сме добар пар.

Сподели!
- Advertisement -